Шест земји од ЕУ добија рок од два месеци за имплементација на Директивата за осигурување на возила

Европската комисија упати последно предупредување до шест земји членки на ЕУ и им даде рок од два месеци да ја имплементираат Директивата на Унијата за осигурување на моторни возила.

Во предупредувањето упатено до Бугарија, Летонија, Малта, Португалија, Романија и Шпанија, Еврокомисијата посочува дека доколку не се усогласат со наведената Директива, против нив би можела да биде покрената постапка пред Судот на правдата на ЕУ.

Како што соопшти ЕК, одлуката за испраќање на „образложени мислења“ до шесте земји членки е донесена затоа што тие „не ја информирале дали целосно ја имплементирале изменетата Директива за осигурување на моторни возила во нивните национални законодавства“.

Крајниот рок за вклучување на одредбите од оваа Директива на ЕУ во националните законодавства на земјите членки беше на 23 декември 2023 година. Откако оцени дека шесте наведени земји не ја имплементирале регулативата до утврдениот рок, Еврокомисијата им испрати формални известувања за тоа, но, како што се наведува во соопштението, од нив не добила „задоволителен одговор“ на укажувањата.

Поради ова, ЕК сега реши да им даде дополнителен рок од два месеци за усогласување или во спротивно „може да реши да ги упати случаите до Судот на правдата на Европската Унија“.

Директивата за осигурување на моторни возила има за цел да ја зајакне заштитата на жртвите од сообраќајни несреќи во ЕУ. Со измените се прецизира опсегот на оваа заштита, се олеснува следењето на задолжителното осигурување на моторните возила и се создава механизам за обештетување на жртвите во случај на несолвентност на одговорниот за сообраќајната несреќа. Со овие измени, исто така, се олеснува и постапката за промена на осигурителните компании и на осигурениците им се гарантира еднаков и недискриминаторски третман.

Извор:  МИА
Објавена на 15.11.2024 11:24:24