Истрагата против хрватскиот министер за здравство ја покрена Канцеларијата на Европското јавно обвинителство во Загреб

Канцеларијата на Европското јавно обвинителство (ЕППО) во Загреб покрена истрага против осум лица, меѓу кои министерот за здравство Вили Берош и одговорни лица од две болнички установи во Загреб и две правни лица, поради постоење основано сомнение дека тие сториле кривични дела примање и давање поткуп, злоупотреба на положбата и овластувања за перење пари, соопштија од ЕППО.


-Постои основано сомнение дека во периодот од јуни 2022 година до ноември 2024 година, првоосомничениот, како раководител на злосторничко здружение, во заедничка акција поврзал уште четворица членови на злосторничкото здружување, со цел да прибави несоодветна имотна корист за две трговски друштва во кои осомничени се одговорни лица и вистински деловни менаџери. Целта на нивната криминална активност била да се осигура дека една од тие трговски компании е избрана за продажба на медицински роботски помагала на болнички институции во Република Хрватска, што тие го постигнаа со давање и ветување дека ќе дадат парични награди ... во замена за обезбедување финансирање на набавката на тие апарати по неразумно зголемени цени.

Други осомничени нуделе и давале мито на релевантните чинители на јавниот здравствен систем, вклучително и министерот за здравство и одговорните лица од повеќе болнички установи во Република Хрватска, со цел да преземат дела на фаворизирање во врска со склучувањето договори за проекти на болнички установи вклучени во хрватскиот „Национален план за опоравување и отпорност 2021 – 2026“, финансиран од буџетот на Европската Унија “, стои во соопштението на ЕППО.

Тие додаваат дека постојат сомненија дека осомничените најмалку во четири наврати преземале дејствија за да обезбедат поставување медицински роботски апарати на осомничената компанија. Во случајот со сплитскиот Клинички болнички центар, набавката во рамки на проектот „Набавка на системи за роботска хирургија“, проценета вредност од 4.850.000,00 евра и целосно финансирана од буџетот на Европската унија, не е доделена на осомничената трговска компанија и покрај понудениот поткуп на одговорното лице во оваа болница и тоа што на министерот за здравство му била ветена парична награда во замена за фаворизирање на осомничената трговска компанија. Со оглед на тоа што одговорното лице во болницата го одбило понудениот поткуп, во наведениот случај немало стекнување на несоодветна имотна корист на штета на буџетот на Европската Унија. Во преостанатите три случаи станува збор за набавка на оперативни микроскопи за потребите на Клиничко болничкиот центар Осиек, Клиниката за детски болести Загреб и Клиничкиот болнички центар Сестре Милосрдници. Во сите три случаи постои основано сомнение дека министерот за здравство во замена за добиен поткуп издавал одобренија за набавка на тие микроскопи за работа по неразумно напумпани цени и обезбедувал средства за финансирање на јавните набавки.

Бидејќи единствен понудувач во ваквите постапки за јавна набавка беше осомничена трговска компанија, оперативните микроскопи се купени за цена која неоправдано е зголемена за 619.582,64 евра, на штета на државниот буџет на Република Хрватска.

EППO е независно обвинителство на Европската Унија, одговорно за спроведување истраги, гонење и поведување судски постапки поврзани со кривични дела на штета на финансиските интереси на ЕУ.

Извор:  МИА
Објавена на 15.11.2024 11:12:16