Интервју

„Жената во кафезот“: Имав потреба да напишам едноставна и оригинална приказна

„Жената во кафезот“ од данскиот писател, Јуси Адлер-Олсен, е една од оние книги кои ќе ве пленат од прва, па ќе ви биде мошне тешко да се оттргнете од неа додека до крај не ја „проголтате“ целата содржина.

Адлер-Олсен за кратко ја освои македонската читателска публика, а доказ за тоа е и наградата „BookStar“ за најчитана книга помеѓу две изданија на фестивалот.

Кој беше пресудниот момент кога си рече на себе си „Ќе напишам книга“ и какво беше првото искуство?

- Првото искуство беше во куќичка на дрво која ја изградивме со еден другар извидник. Таму пушевме цигари од трева и лисја, па добивме дијареја. Поради тоа не можевме да се симнеме долу, па почнавме да си раскажуваме приказни еден на друг. Мојата приказна беше измислена, но беше толку страшна, што не можеше да спие три ноќи. Од тој момент знаев дека би можел да бидам писател. Првата книга не беше тешка за да се напише, но затоа истражувањето околу неа ми одзема многу време. Не бев сигурен за многу нешта, па ми беа потребни 2 години за да ја завршам.

Кој е најголемиот проблем, а кое најголемото задоволство кога започнуваш да создаваш нова приказна?

- Најголемиот проблем ми е тоа дали имам доволно добра приказна, дали е интересна, дали ќе биде читана, дали е оригинална...Најголемото задоволство ми е кога приказната ќе биде успешна. Тоа обично е еден дел од книгата кога ќе седнеш и размислуваш на тоа колку добро си го доловил. Возбуден си од тоа дека си успеал да го изведеш сето тоа со неверојатна прецизност.

Што мислиш, дали читателите се вљубуваат во приказната или пак во ликовите преку кои е раскажана?

-Мислам дека читателите секогаш се вљубуваат во ликовите. Ако не се вљубат во нив, не им е грижа за приказната. Затоа е мошне важно ликовите да се креирани на таков начин читателот да верува во нив, сочувствува, плаче и се смее со нив. Дури тогаш може да создадете добра приказна.

„Жената во кафезот“ е одличен почеток на серијалот книги за секторот Q. Книгата важи за бестселер кој може да се прочита во еден здив. Како дојде до инспирација за овој роман?

-Сум прочитал многу новели каде што има една личност која само седи и чека нешто да се случи. Имав потреба да напишам едноставна приказна. И книгата навистина е едноставна одмазда и едноставна несреќа. Казнувањето на жената сакав да биде оригинално и затоа ја ставив во комора под притисок. Ако читате поглавје, по поглавје, за жена која е заробена во комора, прво треба многу внимателно да ја објасните ситуацијата дека годините поминале и колку сето тоа било проблематично за неа.

Како да го направите тоа? Користев два начина. Прво го земав нејзиниот роденден, кога светлото се гаси и пали во просторијата, за секоја личност да може да се поистовети со тоа како е да се биде во соба која цела година е осветлена или темна. Другиот начин беше да се дознае колку ќе биде тешко во комората откако ќе помине периодот од 6 години бидејќи целиот притисок веќе го снемува. Значи требаше да го објаснам сето тоа на многу добар начин со цел читателите да сфатат што се случува во еден таков момент.

Кој е Карл Морк главниот лик во „Жената во кафезот“ и дали на некој начин се поистоветуваш со него?

-Да, многу е мрзлив исто како мене. Многу работам зошто се срамам што сум мрзлив, но да бидам искрен многу би сакал да ги ставам нозете на маса и да не правам ништо. И тој е ист тип, но не можам да му дозволам да биде мрзлив, па затоа имам личност која му делува како катализатор, а тоа е Асад.

Морав да создадам личност која е слободна да прави што сака, но тоа не е возможно за полициски детектив, освен ако не работи во определен регион или пак истражува специфично злосторство. Тој не е омилен лик, па затоа завршува во посебен оддел каде што може да прави што сака. Може да биде мрзлив, може да пуши цигара, да слуша музика, да гледа телевизија. Карл Морк е креација од Карл (јас) и Морк, еден луд пациент од моето детство, кој си ја уби жената. Детективот го нареков Карл Морк, затоа што го сакав пациентот, а од друга страна сакав да ја вметнам темната страна во ликот. Интересно е што Морк на дански значи „темнина“ и ликот е спој од доброто и лошото во една личност.

Жената во кафезот“ ја доби наградата „BookStar“ за најчитана книга помеѓу две изданија на фестивалот. Дали ја очекуваше оваа награда?

-Не! Се гледа по мојата реакција (се смее). Не, не очекував. Никогаш не очекувам нешто од нова земја. Не знам колку и што читаат луѓето, не знам дали може да си дозволат да ја купат книгата... На пример во Италија се читаат сè помалку книги поради финансиската состојба на луѓето. Во мојот ум Македонија беше земја која допрва треба да се истражува. Што може да очекува еден скандинавски писател во нова земја? Не очекував ништо! Фантастично е што книгата ја доби оваа награда.

Како ти се допадна посетата на Македонија? Имаше ли некое интересно искуство кое што би сакал да го споделиш со нас?

-Луд сум по земјава. Целото време го поминавме во шетање. Храната е врвна, а луѓето се љубезни. Градот е интересен. Иако многу луѓе ни кажаа дека не им се допаѓаат новите градби, за нас е прекрасно. Ми се допадна и музиката...Во суштина не можам да наведам нешто што не ми се допадна. Само што ќе беше подобро да дојдеме тука во мај, да останеме половина месец и да не правиме ништо. Лесно може да се сфати кои сте и кон што целите. Ова е едно сосема поинакво општество од данското или од другите што сум ги посетил. Патувам по Балканот и слободно можам да кажам дека ова е едно од најубавите места каде што сум бил.

Која е твојата порака за нашите читатели?

-Никогаш не заборавајте дека иако има многу добри телевизиски серии и други нешта кои се забавни, треба да читате половина час во текот на секој ден. На тој начин ќе бидете помудри, поотворени кон светот, а можеби еден ден и самите ќе станете писатели.

Н.В

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 23.11.2017 13:02:36