Интервју

Не жалам што живеев поразлично детство од моите другари

Сигурно се сеќавате на малата Ања која ја претставуваше Македонија на детскиот Евросонг во 2010-тата година со песната „Еооо, Еооо“.



Денес, Ања е вистинска девојка на која со сигурност можеме да кажеме дека и претстои светла кариера како на македонската така и на светската сцена.

Како ја доиживуваш титулата за најпрегледувано видео на YouTube за песната „Еооо, Eооо“ ?

- Искрено многу ми годи. Најмногу кога ќе ме сретнат родители со мали дечиња и ќе ми кажат, јадеме со неа играме со неа, ова е „Ања  Ео Ео“, а тие збунети гледаат друга личност. Посебно сум горда и поради тоа што завршив претпоследна на детската Евровизија, а песната влезе во Топ 10 најслушани песни на истиот.



Дали повторно би учествувала, но овој пат во Евросонгот за возрасни?

-Многу пати сум кажала дека е големо искуство да настапиш пред голема публика во сала и пред милионска публика на ТВ екраните.Чувствуваш голема одговорност, возбуда, како ќе се претставиш, како ќе ја претставиш својата земја, се стекнуваш со самодоверба, а сепак имаш само 11 години.
За големиот Евросонг може да учествувам доколку се сменат некои работи кај нас во организацијата. И секако ако имам многу добра песна, евровизиски хит...Тогаш да може.



Забележавме дека последните песни ти се на англиски јазик. Дали можеби со тоа ни навестуваш нов албум на англиски?

- Да, ги пратам светските трендови и полека сакам да го освојувам тој пазар, но за албум треба многу работи да се поклопат. Здравје, во иднина.

Со оглед на тоа дека константно објавуваш кавери на светски познатите песни, која песна/ѕвезда ти е најдрага да ја пееш?

- Има многу, но мојот идол е Бијонсе и сите нејзини песни. Исто така ги слушам и Ријана, Пинк  Мараја...Слушам и домашна музика.



Факт е дека славата менува некои работи во животот. Што изгуби, а што доби Ања Ветерова?

- Интересно прашање! Пак да се родам истото би го правела. Може да се каже дека сум го жртвувала детството на некој начин, но не жалам што живеев поразлично детство од моите другари. Опкружена со музика, песна, патувања, настапи, запознавање со другари од различни култури во различни земји. Со луѓе кои го живеат мојот свет, со кои сме на иста бранова должина каде што нема злоба и љубомора, каде што си Ања, девојчето од Македонија. Кога ќе се споредат тие две работи, јас сум добитник, побогата  за сето тоа искуство што Ви го напоменав.



Со кои од македонските артисти најмногу сакаш да соработуваш?

- Екипата што победува не се менува. Дарко Димитров е виновен за моите најголеми хитови како детските, така и за  поновите,  „Без тебе“ која ја испеав на Скопскиот фестивал 2015-та, како и најновиот хит „Рамбамдам“. За текстовите соработувам со Елена Ристеска, Дамјан Лазаров, Јован Јованов, Оливер Димитров и Калиопи,  која ми ги напиша најубавите детски песни „Ритам“ и „Come Un Aqilone“  испеана на ZECHINO D,ORO 2008-та  и други.
За Рамбамбам текстот ми го напиша Линдон Бериша.



Кој се грижи за твојот изглед додека си на сцената?

- За облеката сама се грижам со помош и совети од мајка ми. Со неа одлучувам што да носам, дали е за  гостување на ТВ или настап. За косата и шминката се грижи Арменд, а за реализација околу некоја моја замисла секогаш е тука Секирарски и Весна која ги прифаќа моите идеи во пет до дванаесет. Во последно време имам соработка и со Магде од Шевро.



Можеш ли да споделиш со нас некоја интересна случка која ти се случила за време на снимање на некој видео запис?

- Спотот за Рамбамбам го снимав во Белград во една голема напуштена фабрика со белградска видео продукција која ги исполни сите мои барања. Кога дојде време да се снима сцената надвор со оган и возила, оганот што го запалија беше многу висок. Граѓаните од околните згради се исплашиле и незнаејќи дека има снимање, повикале противпожарни возила кои се појавија за 5 минути  во фабриката, но немаше потреба од нивна интервенција.



Што мислиш за турбофолкот како правец во музиката и дали некогаш би се нашла во таква песна?

- Сакам да слушам музика. Слушам забавна, џез, класика, староградски и народни песни, па некогаш и некоја турбофолк ако е добра и го погодила мојот вкус. Јас не би снимила таква песна бидејќи повеќе сакам поп, R&B, рок. Мислам дека треба да се цени работата на секој музички уметник. Секој дава сè од себе во тој дел кај што најмногу се пронаоѓа.



Според тебе, што и недостасува на македонската музика?

- Подршка! Да има повеќе музички емисии, како на ТВ така и на радио, да се пуштаат нашите песни преку ден, а не после полноќ. Исто така мислам дека недостасува и финансиска подршка од големите компании и од министерството.
 
Каде се гледаш во наредните 10 години?

- Би сакала на светската музичка сцена со завршен факултет на Беркли, но ќе видиме што ќе донесе времето.    

Д.П. 

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 15.11.2017 14:54:16