Жељко Јоксимовиќ важи за една од најголемите музички ѕвезди на Балканот, чии песни како по правило секогаш стануваат големи хитови. Сепак, малкумина знаат дека зад ѕвездата се крие човек со нагласена емотивна страна, која секогаш смета дека чувствата се доблест, а не мана.
Миленикот на македонската публика, ни раскажа како е да се биде родител и да се има успешна кариера во исто време, со каков тип на луѓе најмалку сака да соработува и каде оди кога сака да избега од сè.
Веќе неколку години имаме чест да те слушаме во Македонија. Какво е чувството кога гледаш дека голем број на обожаватели со нетрпение го очекуваат твојот концерт?
-На секој концерт во Македонија му се радувам и морам да кажам дека овде навистина сум имал феноменални концерти вклучувајќи го и мојот најголем концерт во кариерата што се случи на стадионот Филип Втори, но и два феноменални концерти кои ги имав во Вип Арената Борис Трајковски, но и на други места во Скопје така што очекувам голем број на публика. Колку што сум информиран концертот кој е закажан за 11-ти ноември е речиси распродаден така што сигурен сум дека ќе бидеме многу задоволни, но и среќни и на концертот, но и после него.
Имаш ли омилено место кое го посетуваш кога доаѓаш во Македонија?
-Тоа се многу места. Не можам сега да издвојам само едно место, на пример го сакам Охрид. Една година во Охрид бев и кум на Водици и многу сакам кога одам таму. Имав и концерт на стадионот. Го сакам Охрид... Ги сакам и сите места во Македонија. Каде и да сум бил досега, во било кои ресторани, секогаш сум бил добредојден гостин и луѓето ме прифаќале со голема љубов.
Успеваш со својата музика да допреш и до помлади и до постари генерации. Но, ако гледаме според полот, поголема е женската публика. Како гледаш на тие работи?
-Па, мислам дека тоа е логично бидејќи јас сум маж и пеам љубовни песни, воглавно на жените тоа многу им се допаѓа, но не е мал и бројот на мажи кои доаѓаат на моите концерти колку јас што сум забележал. Веројатно доаѓаат со жените, но доаѓаат и сами. Така што мислам дека тоа е добра работа за мојата музика, за мојата кариера и за мене.
Некаде прочитав дека твојот сингл „Милиметар“ е еден од најдобрите кои што се снимени оваа година. Што мислиш за тоа?
-Многу сум среќен што таа песна е добро прифатена и од страна на публиката. Таа песна веќе за неколку месеци има 20 милиона прегледи на YouTube и многу е слушана и прегледувана така што таа песна ќе биде една од моите фаворити на концертот кој ќе се одржи на 11-ти ноември.
Освен тоа што си пејач, компонираш музика и за своите колеги. Малкумина знаат дека меѓу сите нив ја имаш компонирано и „Чија си“ за Тоше Проески. Какво искуство беше тоа за тебе?
-Работам за своите колеги колку што времето ми дозволува, со тоа што на таа песна работев како коавтор. Многу сум среќен што успеавме од песната да направиме голем хит благодарение на неговиот фантастичен вокал. „Чија си“ и ден денес звучи така како што звучи. Со него имав многу добра соработка, многу пати имавме заеднички концерти. Се видовме и на Евросонгот,така што многу сум горд на таа соработка.
Со кои од твоите македонски колеги имаш најдобра соработка?
-Што знам.. Воглавно сите ми се драги. Особено оние кои ги познавам, така да не би издвојувал. Во принцип мојата соработка со сите колеги од Македонија е многу добра. Сега нешто со милиметри да мерам.. Не се занимавам со тие работи.
Кога зборуваме за соработките, со каков тип на луѓе најмалку сакаш да соработуваш?
-Избирам луѓе кои енергетски ми одговараат, значи енергијата е нешто што е многу присутно во мојата работа, така што доколку видам дека некоја енергија е лоша се повлекувам од истата соработка.
Знаеме дека си посветен татко, а годинава доби уште две дечиња. Како родителството влијае на твојата кариера?
-Јас сум многу горд родител и многу богат човек кога се децата во прашање. Се трудам да бидам што повеќе со своите деца. Имам многу добра поддршка и помош од мојата сопруга која целиот наш семеен и куќен живот многу добро го организираше во склад со постулатите на нашиот живот. Така што можам да кажам дека сум задоволен.
За себе велиш дека си голем емотивец. Дали сметаш дека тоа ти е доблест или пак мана?
-Секогаш е подобро да си повеќе емотивен, отколку помалку емотивен. Мислам дека емотивните луѓе воглавно живеат со љубов. Оние кои имаат помалку љубов, помалку чувствуваат или помалку пружаат и сигурен сум дека се ускратени за нешто што е најубаво на цел свет.
Кое е твоето прибежиште кога сакаш малку да се одмориш и да избегаш од се? Дали е тоа личност или дестинација?
-И едното и другото. Имам неколку места во светот кои многу се значајни за мене, а секако со својата поубава половина дека сакам да го поминам мојот одмор.Се трудам да најдам некој период во годината кога можам да се одморам, а како времето поминува се повеќе ми е потребен одмор.
За крај би ни споделил ли некоја интересна ситуација која што ти се има случено како позната личност?
-Уф, па биле многу. Не можам да издвојам во моментов.
Текст: С.Велковска
Фото: МИА