Интервју

Во окото на свеста: Дејствата имаат последици...Сте забележале?

За фановите на трилер романите Хокан Несер би требало да биде во првите пет од листата на автори кои дефинитивно мора да се имаат во домашната библиотека.

Овој шведски писател, несомнено знае како да ве маѓепса со своите приказни и да ве внесе во светот на мистеријата, каде што ја истражува човечката психологија и ве запознава со низа интересни ликови.

Неговиот бестселер „Во окото на свеста“ е првата книга од серијалот крими-трилери со ликот на Ван Ветерен, еден од најоригиналните ликови на детективи во скандинавската литература.

Ова ви е прва посета на Македонија?

-Не, ова ми е втор пат. Првиот пат само поминував низ Македонија во далечната 1972-ра. Вашата земја е едно преубаво место. Самата локација...Кога доаѓате со авион и ги гледате сите оние планини едноставно е прекрасно.

Како изгледа да се биде автор во крими жанрот?

-Понекогаш имам проблем со овој жанр со оглед на тоа дека денес има толку многу автори кои пишуваат крими романи. Само во Шведска се објавуваат 150 крими книги во една година, од кои 100 не се вредни за читање. За среќа има и такви кои се мошне добри. Јас кога почнував да пишувам немаше толку писатели. Нема ништо лошо во овој жанр, но треба да го третирате на вистинскиот начин и да ја раскажете вистинската приказна.

Велите, вистинска приказна...Како се раскажува таа? И кој ја води приказната, вие неа или таа вас?

-Па, постојат неколку начини... Знам дека повеќето писатели велат дека приказната ги води нив и дека тие се само инструмент за нешто...Но, јас мислам дека јас сум тој што ја има целосната контрола. Во одредени ситуации чувствувате дека сè е обвиено со некоја мистерија и дека како автор раскажувате приказна што навистина се случила. И тоа е едно убаво чувство...Магично...Сепак, јас ја водам приказната и тоа на начин на кој би сакал еден читател таа да биде раскажана. Најважно е да можете да ја видите приказната од страната на читателот. Воопшто не ми е грижа, дали на авторот му е добро или не, книгата е наменета за оној што ќе ја чита.

 „Во окото на свеста“ е напишана пред речиси 25 години, а сега конечно го доби и својот македонски превод. Гледајќи од оваа перспектива, дали би смениле нешто во неа?

-Не, мислам дека не...Мислам не сум ја препрочитал, но не би менувал ништо. Единствената промена што би ја направил можеби е во изборот на зборови, но не и во нешто друго. Знаете, јас започнав да пишувам на постари години, кога оваа книга беше објавена имав 43 години. Досега имам напишано околу 30 книги и можеби требаше да ги напишам по различен редослед, „Во окото на свеста“ би можела да биде последна, наместо прва.

Зошто би требало да ја прочитаме?

-Секоја книга треба да раскаже нешто важно за животот, а во исто време да биде добра приказна. Има едно мото кое вели: Дејствата имаат последици...Сте забележале? Кога нашиот живот тргнува во погрешна насока не ги забележуваме тие мали постапки кои сме ги направиле и за кои подоцна треба да се плаќаме цел живот. Во повеќето од моите книги се провлекува таа тема. Дека има последици и дека не можеме да се вратиме и да ги смениме. Дури и да си добра девојка, некогаш правиш лоши одлуки, како и лоши дела. Правиш нешта што не треба да ги правиш. Никој не сака добриот лик во книгата да прави лоши нешта, но ете ги прави. Отсекогаш ме интересирала таа психологија, зошто се однесуваме така како човечки суштества, како и зошто понекогаш сакаме да се одмаздуваме. Можам да разберам зошто животните го прават тоа, но не разбирам зошто луѓето како софистицирани суштества го имаат тој проблем.

Кој е Ван Ветерен, инспекторот кој го запознавме во „Во окото на свеста“?

-Тој е измислен лик, но во исто време може да биде и реален. Кога го напишав првото поглавје сфатив дека ми е потребен инспектор. Што да правам сега? Сакам да биде депресивен, постар, класичен лик во крими сторија. Тој не е некој чувствителен тип, кој си ја сака работата. Има видено многу криминал, многу лоши нешта кои луѓето си ги прават едни на други. Во исто време има златно срце и покрај тоа што е груб, тој е добар човек. Не сака да лови криминалци, но не може да се откаже зошто тоа му е должност.

Ван Ветерен се појавува во 10 мои книги. Во претпоследните книги купува книжарница и сака да се повлече, но постојано се навраќа на криминалните случаи затоа што на неговите колеги им е потребна помош. Понекогаш не го разбирам, тој е 10 години постар од мене и после сите овие години од кога пишувам за него, ми останува мистерија. Тој е паметен тип, многу попаметен од мене. Интуитивен е и може да го види мотивот во луѓето.

Освен Ван Ветерен, оние кои ги прочитале вашите книги знаат дека во серија од нив, можеме да го запознаеме и инспектор Барбароти. Може ли да изберете помеѓу нив кој повеќе ви се допаѓа?

-Ако Ван Ветерен ми е татко или постар брат, тогаш Барбароти ми е помлад брат. Барбароти верува во Бог, Ван Ветерен не, додека јас воопшто не сум религиозен, но мислам дека постои некоја позитивна моќ. Мислам дека има некој тип на Бог, а воедно и на Ѓавол. Барбароти верува дека има Бог, затоа што лично го запознава и од него бара доказ за неговото постоење. Во Шведска повеќето луѓе се идентификуваат со Барбароти зошто е добар лик и е што како нас. Следната година двата лика ќе се сретнат во една книга бидејќи ќе работат на ист случај. Луѓето со години ме молеа да го направам тоа, но досега ја немав вистинската приказна. Сега конечно ја имам приказната и истата ќе биде објавена во август следната година.

По некои од вашите книги се направени серии и филмови. Колку сте задоволни од тоа колку веродостојно се задржуваат до книгите?

-Прво и основно, книга си е книга, филм си е филм. Не мора да бидете прецизни до последен детаљ, зошто тоа е невозможно. Мислам дека досега според моите книги се направени околу 11- 12 филмови, некои од нив се добри, но јас лично не сакам да бидам инволвиран во снимањето. Следната година ќе бидат прикажани три филма, кои ќе можете да го погледнете и во Македонија, под насловот „Intrigo“. Сите три се направени под режисерската палка на шведскиот режисер Даниел Алфредсон. Голем дел од сцените се снимени во Белград, Словенија, Хрватска, нешто и во Австрија и Белгија, а во главната улога е Бен Кингсли. Видов дел од материјалот и едноставно е одличен. Мислам дека овие филмови ќе бидат најдобрите кои се направени според моите дела. Можеби не се идентични со книгите, но имаат совршено компонирани сценарија. Затоа со нетрпение очекувам да ги гледам следната година.

Н.В

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 03.11.2017 15:29:56