Дали би биле доволно храбри за да оставите сигурна работа, со цел да го следите својот сон? Многумина од нас сонуваат за да работат далеку од главите на шефовите и директорите кои буквално им се обвиснуваат над глава, но не се доволно мотивирани за тоа. Сепак, постојат луѓе кои се охрабриле и го направиле тој чекор. Токму таква е приказната на Петар Ниновски, која со задоволство и ентузијазам ја слушавме ние, а веруваме и вие.
Која е твојата приказна?
-Ако се вратиме 10тина години наназад, мојата приказна е следна: Дипломирав како инженер и се вработив во интернационална Tech компанија. Таму поминав повеќе од 4 години. Низ годините променив неколку работни позиции во истата компанија и кога бев на пикот на мојата кариера почнав да работам на реализација на идејата на која константно размислував последните неколку години. Да бидам искрен, одлуката да напуштам сигурна и добро платена работа и да се впуштам во нешто што воопшто не ми беше познато, не беше едноставна, но сепак се решив на тој потег. Затоа напуштив и го започнав Brainster.
Од почетоците на Brainster во 2015 година па сè до денес работите се случуваа многу брзо: Го лансиравме продуктот, започнавме со првите курсеви, тимот почна да расте, започнавме со академии и нови програми, над 2000 луѓе веќе поминаа низ нашите програми, 3 пати се селевме во поголеми канцеларии, четвртата нова канцеларија ја подготвуваме за во септември...
Во кој момент одлучи дека е правилен изборот да ја оставиш добро платената корпоративна работа и да започнеш стартап?
-Сакав да започнам свој бизнис кој во исто време ќе направи импакт, па Brainster беше совршената комбинација. Најлошото нешто што можеше да се случи е да ми пропадне бизнисот, да се вратам и повторно да работам корпоративна работа.
Што е пресудно за успех?
-Најважен фактор за успех според мене е егзекуцијата. Потоа како останати фактори би ги земал тимот, тајмингот и културата во организацијата. Среќата е фактор кој не можеш да го контролираш, па затоа не се потпирам воопшто на тоа.
Која е твојата најголема грешка откако започна Brainster?
-Направивме неколку грешки низ годините. Ни една од нив не беше трагична :). Можеби најголемата беше што првиот вработен го вработив многу доцна и низ времето испуштив неколку можности.
Дали луѓето добро го прифаќаат поразличниот начин на учење?
-Тоа што ние го правиме секојдневно е пополнување на празнината помеѓу формалното образование и тоа што реално ни треба како вештина за да се вработиме.
Brainster се фокусира на учење на „реални” вештини кои ќе им помогнат на луѓето да најдат работа која од секогаш ја посакувале во оваа економија која постојано се менува. Исто така начинот на кој ние учиме е иновативен односно луѓето учат преку работа на реални апликации и решенија.
Преку сите овие работи комбинирани со успешните приказни на учесниците кои завршиле на некој од нашите програми, луѓето стекнуваат доверба во ваквиот начин на едукација.
Дали си задоволен од feedback-от на курсевите?
-Feedback-от од курсевите го мериме на два начина. Првиот е feedback-от од учесниците, а потоа feedback-от од компаниите каде што ги вработуваме учесниците. Многу брзо луѓето кои започнуваат да учат преку програмите сфаќаат дека го имаат најефективното можно educational experience.
Постојано имате нови проекти. Академија за маркетинг, Brainster лекции, Академија за програмирање, што е следно?
-Во Brainster постојано се прашуваме како можеме директно да влијаеме на невработеноста во Македонија, како да го пополниме гапот помеѓу формалното образование и тоа што се бара од компаниите, да ги обучиме или преквалификуваме оние кои не можат да најдат работа во оваа дигитална економија или оние кои сакаат да направат промена во кариерата.
Затоа уште на самиот почеток решивме сите проекти кои ги лансираме да бидат насочени само кон тоа „Сите да имаат кариера каква што посакуваат“. Важно е да се каже дека овие проекти не ги работиме сами туку со целата заедница на инструктори која во моментов брои над 40 експерти, но и учесници на курсевите и алумни кои во моментов се над 2000. Со овие проекти заедно успеавме да им го промениме животот на многу луѓе, а со тоа придонесуваме директно да се намали невработеноста во Македонија.
Дали македонските компании го препознаваат потенцијалот на оние кои завршуваат курсеви и академии кај вас или се уште се скептични и бараат диплома од факултет?
-Бројката на HireUp партнерства постојано расте па тоа слободно ќе го земам како доказ дека во моментов на компаниите им се потребни луѓе со реално знаење и вештина, а не со диплома. Заврши она време на вработување без вредност. Компаниите се посветени на раст, а тоа не се прави со тим кој ја знае теоријата, но нема практична вештина. Оние учесници кои ги пренасочуваме во компаниите се истакнуваат како исклучителни таленти, па соработката и понатаму продолжува.
Дали мислиш дека во Македонија има потенцијал за стартапи?
-Дефинитивно има и предности и недостатоци за започнување на стартап во Македонија. Но, овие недостатоци не треба да ни бидат пречки за да започнеме бизнис, а уште помалку изговори зошто не сме почнале. Отсекогаш сум викал дека при започнување на бизнисот подобро е да е тешко отколку скапо. Тој е случајот во Македонија, не ти треба голема инвестиција за да започнеш бизнис. Како друг недостаток ќе го земам и кадарот, но во нашиот случај имаме среќа дека произведуваме кадар кој подоцна можеме да го вработиме во нашата компанија.
Кој ти е твој идол и дали еден ден сакаш да го постигнеш она што тој/таа го постигнал/а?
-Елон Маск, Никола Тесла, Џек Дорси... Листата е навистина долга. Постојано се инспирирам од овие луѓе. Но искрено сега сѐ повеќе се инспирирам од приказните кои излегуваат од Brainster. Оние кои доаѓаат со 0 знаење и вештина и за кратко време, но со многу труд, создаваат кариера и иднина, се за секоја пофалба.
И.Витановска