Што е Cloud и како може да биде корисен за вашиот бизнис, а воедно и за вашиот приватен живот? Колку се безбедни нашите податоци на мрежата? Дали брзиот развој на технологијата конечно ќе ни овозможи повеќе да уживаме во секојдневните задоволства или пак целосно ќе нè вовлече во уште поголема замка?
Ова се прашањата кои што сè повеќе го интересираат модерниот човек, прашања на кои се обидовме да најдеме одговор преку разговорот со Кадир Сенер, CEE Multi-country Cloud & Enterprise директор и Петра Чичек, продукт маркетинг менаџер за Data Insight CEE Multicountry, во Microsoft.
1.Многумина од луѓето во Македонија сè уште не се целосно запознаени со Cloud концептот и што се подразбира под него. Можете ли наједноставно да ни ја објасните неговата намена?
К.С: Cloud e новиот начин на натпреварување...Наместо да имате физички нешта и да ги поседувате, добивате услуга. На пример како струјата. Никој од нас не гради централа во својот дом, за да добие струја, туку ја добиваме како услуга. Cloud во својата суштина е ИТ услуга. Тоа е наједноставниот и најдобриот начин на кој можам да ви го објаснам концептот.
2.На глобално ниво, Cloud го менува целиот бизнис екосистем, што воедно значи дека го менува начинот на кој што работат компаниите. Кои се придобивките на малите бизниси и стартапите, а кои на големите компании кога станува збор за користењето на Cloud?
K.С: Ќе започнам од стартапите. Без разлика дали сте во Македонија или во било која друга земја, ако сакате да започнете со стартап потребни ви се капитал, ресурси, потребен ви е хардвер, треба да трошите пари...Од друга страна не е лесно да се натпреварувате со стартапи кои доаѓаат од САД, Канада и слично. Cloud ја демократизира реализацијата на идеите и ја зголемува компетитивноста на стартапите и малите компании. Деновиве имаме средби со стартапи од Македонија и морам да кажам дека сум прилично импресиониран од тоа како тука се користи Cloud-от. Благодарение на него повеќе не постојат граници за стартапите, а воедно не им се потребни ниту големи капитални инвестиции. Па така, лесно може да се натпреваруваат со стартапи кои доаѓаат од побогатите и поразвиени земји.
Што се однесува до големите компании, тие во моментот се фокусирани на одржувањето на IT делот. Cloud го презема менаџирањето на овој дел, така што тие имаат време да се фокусираат на самиот бизнис. Освен тоа, услугата е поевтина, поефикасна и пред сè посигурна, што со себе си носи повеќе предности.
3.Што е со обичните луѓе? Оние кои не се дел од бизнис секторот, но Cloud го менува и нивниот живот...
К.С: Реалноста е дека корисниците се оние кои веќе ги користат Cloud услугите преку е-маил, прикачување на фотографии и видеа на мрежата, разговори со други луѓе преку најразлични апликации и слично. Мошне ми е интересно кога луѓето ми велат дека не е потребно да се префрлиме на Cloud, a во суштина не се свесни дека веќе сме таму. Верувам дека и ти користиш минимум 20 Cloud сервиси, но не си го забележала тоа. Дури и големите компании понекогаш се во шок кога ќе откријат колку од нивните корисници користат најразлични Cloud продукти.
4.Да, навистина е така. Но, ајде малку да зборуваме за безбедноста. Колку навистина Cloud-oт е безбеден и како Мicrosoft се грижи за неговата безбедност?
К.С: Многу интересно прашање...Сите користиме вода од чешма. Колку е безбедна истата? Сè зависи од тоа кој доставувач на услуги го користите. Ова важи и за Cloud. Како Microsoft ние посветуваме големо внимание на безбедноста на Cloud. Нашата компанија троши 1 милијарда долари на годишно ниво за да ја обезбеди таа безбедност. Која друга компанија може да си дозволи толкава инвестиција и тоа само за безбедноста? Како што можете да претпоставите најголемиот дел од тие средства се инвестирани во безбедноста на Cloud. Според мене, како некој што со години работи во Microsoft, a воедно има и искуство со стартапи, во моментот ние сме најсигурната опција на пазарот.
5.Пред некое време Wikileaks објави дека ЦИА може да ги трансформира нашите смарт уреди во направи за шпионирање. Ако е навистина така, како можеме да ја подобриме сигурноста?
К.С: Сајбер безбедноста е мошне важно прашање и е меѓу првите на сечија листа на приоритети. Тоа е приоритет за владите, за компаниите, а би требало да биде и за корисниците. Во денешно време хакерите се мошне напредни, без разлика на тоа дали се владини, компаниски или пак поединци. Од гледна точна на Microsoft среќен сум што поседуваме навистина добро портфолио со решенија, кое покрива сè од идентитетот, преку податоците до самата направа. Најголемите проблеми обично започнуваат со идентитетот. Навраќајќи се на претходната дискусија, ако користиш повеќе од 20 Cloud сервиси, најверојатно имаш и повеќе лозинки. Ако решам да те хакнам сигурно нема да ја нападнам твојата банкарска сметка зошто знам дека банката има силен безбедносен систем. Наместо тоа ќе ја хакнам најслабата алка во синџирот, на пример некој од твоите социјални профили. Доколку користиш повеќе акаунти голема е веројатноста да имаш неколку лозинки кои што се повторуваат, што значи дека лесно ќе можам да хакнам и некоја друга сметка.
П.Ч: Јас би додала дека нашата компанија освен тоа што инвестира во продуктите има и специјален тим, централна организација во САД, која се нарекува Сајбер безбедносен тим. Тие соработуваат со владите на државите, со ФБИ, со полицијата и ги спречуваат хакерските напади кои настануваат во специфични региони или земји. Па на некој начин се справуваме со нападите, како што би се справил организам кога е нападнат од болест.
6.Познавам многу луѓе кои секогаш велат дека времето им лизга низ рака. Што мислите, дали во иднина технологијата ќе ни купи повеќе време или пак ќе го скрати и она што веќе го имаме?
П.Ч: Неодамна читав еден извадок од книга во кој се вели дека со развивањето на вештачката интелигенција, основните познавања кои ги имаат луѓето ќе се намалат. Значи нема да мораме да извршуваме мануелна работа или задачи што се повторуваат, но за сметка на тоа ќе ни се развие емпатијата. Всушност емпатијата ќе ги разликува луѓето од вештачката интелигенција. Дури и во Microsoft, што реално е компанија која е високо технолошка, денес се посветува големо внимание на луѓето и на емпатијата.
К.С: Сè зависи од тоа како ја користите...Технологијата може да ви помогне во реализирањето на идеите и преземањето на нови иницијативи, но од друга страна може да биде и убиец на вашето време. Јас сакам да гледам на позитивниот аспект. На пример вештачката интелигенција ќе ни овозможи да ги направиме направите уште попаметни како и да создадеме комплетно нови и креативни нешта. Затоа мислам дека технологијата ќе ни помогне да ги развиваме идеите, наместо само да ни го консумира времето. Во 2003-та основав сопствен стартап, но немав пари, па морам да си го продадам автомобилот. Потоа купив сервер и поминав една недела во инсталирање на истиот. Денес можам да го добијам истото тоа за некоја незначителна сума на пари за време од 5 минути до 1 час.
7.Кога веќе ги споменавме автомобилите, а во контекст на развојот на технологијата, знам дека Microsoft ја развива Connected cars идејата и морам да признам дека од сето она што го читав концептот изгледа мошне интересно.
K.С: Да, навлезени сме и во автомобилскиот бизнис и имаме повеќе партнерства, но она што нè прави поинакви од другите е што ние не произведуваме наши автомобили. А, со тоа и не се натпреваруваме со веќе постоечките автомобилски компании, туку ги обезбедуваме со платформа која им служи како основа за нивните иновативни проекти.
8.Едно малку подиректно прашање...Колку реално ја живеете филозофијата на Мicrosoft?
К.С: Најверојатно сте забележале дека Microsoft културата од ден на ден, значително се менува. Јас лично многу уживам во сето тоа. Оваа нова култура, нова визија и фактот што им даваме моќ на луѓето и компаниите насекаде низ светот е неверојатна. Секој ден е исполнет и важен зошто имаме голема мисија и визија. Ако некој ме праша дали би работел во друга компанија, веднаш би ја одбил понудата.
9.Каде се гледате себе си да речеме за 10-тина години?
К.С: Не би требало да откривам премногу детали, но точно знам на што ќе работам во следниот период. Microsoft ги трансформираа компаниите, ја овозможува дигиталната трансформација...Затоа се гледам себе си како работам со компании и ги трансформирам истите.
П.Ч: За волја на вистината и за нас е мошне тешко да се замислиме себе си на определена позиција или во некоја улога, затоа што несомнено е дека сè ќе се смени. Тоа е исто како да го прашувате мојот син, кој сега е во градинка, што би сакал да биде кога ќе порасне. Можеби ќе има работа која реално сега не постои. На некој начин ако сакаш да имаш посебен тип на работна позиција, најдобро би ти било уште сега да ја измислиш.
10. Сите сакаат да знаат кој е вистинскиот рецепт за успех, но јас би ве запрашала нешто друго. Како ги подобрувате човечките вредности од позицијата на која што сте, каде што се очекува да менаџирате тимови и да бидете лидер?
K.С: Одговорот е мошне едноставен. Започнав со работата на оваа позиција пред 4 месеци. Пред официјално да стапам на функција, испратив меил во кој објаснив кој сум, кои се моите вредности, како работам и што очекувам. Давам доверба и истата ја барам за возврат. Секој во мојот тим треба јасно да знае кога нешто е добро или лошо, тие треба да знаат што мислам. Јас доаѓам од стартап и се трудам таа енергија да ја имплементирам и тука. Кога ги имаш вредностите, јасноста на мислата и енергијата, резултатите си доаѓаат сами по себе. И кога имав свој стартап, сам си ја чистев канцеларијата. Сите треба да знаат дека работиме за една цел, работиме како еден тим и тоа е тоа што нè движи напред.
П.Ч: Јас можам да дадам одговор на тоа прашање. Интересно е тоа што во големите организации има висока хиерархиска шема на претпоставени и вработени. Од друга страна ние имаме сосема поинаков стил на работа, во кој јас и колегите не му реферираме што работиме, туку постојано работиме заедно. Повеќе се консултираме со него како со ментор, отколку како со традиционален шеф. Една работа која јас лично многу ја ценам кај него е тоа што тој им овозможува на своите вработени, да растат и да напредуваат. Па, така повеќе се консултираме за тоа во која насока би требало да се развива мојата кариера, отколку за оперативни работи.
Н.Вуковиќ.