Интервју

Два занаета

Наш театарски гостин е Дениз Абдула, момчето кое е дел од плејдата млади актери кои сигурно чекорат кон успешни креации на најзначајните ликови на театарската и филмската сцена во Македонија.



Дениз Абдула, дипломиран актер на ФДУ Скопје, во својата кариеера веќе ги запиша соработките со мајсторите на филмот: со Столе Попов во „До Балчак“, со Игор Иванов-Изи во „Соба со пијано“, со Раде Шербеџија во „Ослободување на Скопје“... Тој зад себе има и повеќе театарски улоги на театарската сцена во кои внесе доволно добра енергија и шарм за да го привлече нашето и, секако, вниманието на публиката.

Добар човек, добар актер



Да се биде добар актер воопшто не е лесно, а да се биде добар човек - уште потешко... Кои се твоите дефиниции за овие два „занаета“?

Да се биде добар човек е убаво чувство и доблест. Познавам добри луѓе, но, за жал, тие сѐ повеќе се реткост. Јас искрено настојувам да бидам добар човек, но понекогаш поттикнати од некоја ситуација стануваме полни со гнев и за жал мразиме наместо да сакаме. Тешко е да останеш добар човек во континуитет, ама сепак се трудам повеќе да сакам отколку да мразам. Да се биде добар актер, пак, секако не е лесно, но од процес во процес се трудам да го достигнам и тоа колку можам.

Мислата „Ако ми го одземете актерството, ќе престанам да дишам“ ѝ припаѓа на Ингрид Бергман,.. имаш ли ти некоја своја слична реплика?

Нормално е кога во животот губиме нешто блиско и значајно да се посветиме на она што ни преостанува, а тоа е љубовта кон работата. Така наоѓаме причина да продолжиме да живееме или, според Бергман, да дишеме. Таа многу рано останува без родители и веројатно сета нејзина љубов е насочена кон актерството. Работата и љубовта кон тоа во што сме вешти, мислам дека се најважните работи за развојот на секоја професија.

Повелете да се запознаеме: јас сум Санчо Панса...



Филмот и театарот се двајца најдобри другари, но, сепак, многу различни... Раскажани ни за твоите највозбудливи сцени во дружбата со „нив“…

Тешко е да одберам. Има повеќе процеси кои ми се драги. „Грдиот“, дипломскиот испит на Ивана Ангеловска, „ Фирма“ на Нела Витошевиќ, „Животот на Молиер“ на Александар Поповски , од филмското искуство ќе гo издвојам: „Лимонада“ филм на Али Алтај што беше снимен со 80 статисти во една дива рурална средина.

„Со кого си - таков си“ е омилената изрека на Санчо Панса , а твојата најнова театарска креација во МНТ е токму овој лик. Сподели со нас малку приватност околу подготовките и донесувањето на сцена на претставата „Да тргнеме, сењор“...

Имавме убав процес на соработка, по малку напорен, но мислам дека и јас и екипата уживавме во него. Работевме два месеца на актерската игра и на музиката. Повелете во МНТ и ќе видите колку сме успеале.

Во прегратка со театарот од она што го вели публиката, изгледаш мошне привлечно. Какви се релациите со љубовта кон музиката, видовме и дека талентирано музицираш?

Завршив во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, на отсекот инструментал - гитара. Иако веќе подолго време не се занимавам професионално со музиката, не заборавам на гитарата во ниеден момент и секогаш кога имам слободно време свирам, па ете, се случи да ја донесам дури и на сцената на МНТ.

Целиот свет е театарска сцена, што велиш – би дишеле ли почист воздух ако почесто глумиме во нашето секојдневие?

Во буквалната смисла на зборот, ние дишеме загаден воздух. Но, мислам дека ако луѓето глумат во секојдневието, тогаш ќе се справуваат со уште позагаден воздух и, за жал, уште долго светот ќе биде „театарска сцена“.

Нема возење во петта без ремен



Каде продолжува твоето актерско патување по ова интервју, се надевам дека нема да возиш во петта без сигурносен ремен?

Никогаш не возам во петта брзина, и а сигурносниот ремен е задолжителен! Следно нешто на што треба да се посветам е краткометражниот филм „Роденден“ на Косара Митриќ,и претставата „Пинтер“ на Нела Витошевиќ во охридскиот театар.

***
„Да трнеме, сењор

Ова е претстава по текст на Ана Ристеска во режија на Нела Витошевиќ и е дел од најновиот репертоар на МНТ. Станува збор за интимна приказна во која публиката може да пронајде своја сопствена нота на славење на животот преку емотивниот дијалог на сцената. Дениз Абдула како Санчо Панса со својот перформанс и заложба во претставата ѝ дава особена светлина на приказната која на момент можеби и вистински ќе ве растажи.


Рашела Г.

Извор:  Мој клуб
Објавена на 04.04.2015 09:21:22