Интервју

Книжевен портрет на времево и на просторов

Ова е најдобрата збирка раскази на Румена Бужаровска досега, но и една од најдобрите збирки раскази објавени во земјава последниве неколку години.



Одамна во домашната издавачка продукција не се појавила збирка раскази како „Мојот маж“ од Румена Бужаровска – компактна, сложна, единствена во различностите, со зададен и бравурозно решен „раскажувачки проблем“, заодена низ натрупаната тишина на премолчуваното, мрачното делнично, не само во стварното туку и во книжевното живеење... Ако во двете претходни збирки на Бужаровска („Чкртки“ од 2007 и „Осмица“ од 2010) го наслушнавме „чекорот“ на нов, сововремен автор, во „Мојот маж“ одот на авторот до толку се осилил што го завладеал дури и „друмот“:  Раскажувачката вештина ја завладеала домашната книжевност, не потиснувајќи ја туку напротив, насочувајќи ја натаму накај што треба.

Натполова мета

Во вашата најнова книга, единаесет различни жени раскажуваат за своите мажи, а текстот не е наменет ниту (само) за жените, ниту (само) за мажите туку нишани во трета, натполова мета. Која е таа?

По долго размислување намерно решив на збирката да ѝ дадам провокативен наслов кој во суштина е ироничен. Оттаму и реакцијата на повеќе мои пријатели и познајници, кои изненадено искоментираа „па ова било за жени“ штом ја прочитаа. А дискутабилно е што значи тоа „за жени“ – дека само жени треба да ја читаат? Секако дека не. Во книгата „се работи“ за жени, т.е жените се во фокусот на приказните, но преку нив станува збор и за мажи, и за деца, така што би рекла дека расказите сепак се – за луѓе, и тоа за обични луѓе.

Отрезнување од алкохолот на љубовта

Единаесетте раскази раскажани од исто толку различни жени во прво лице, крупно ги надминуваат „бројките“ на засегнатите судбини, „бројките“ на родот, на жените, мажите, мајките и децата, на љубовниците и пријателките, на аматерите, стереотипите и заблудите, на освестувањата и отрезнувањата од моќниот, минлив алкохол на младешката (и не само таа!) љубов.

За „овде“ или за „некаде“

Дали сметате дека „Мојот маж“ е остар книжевен портрет на нашево време и на нашиов простор? На што повеќе? На првото (нашево време) или на второто (нашиов простор)?

Верувам дека книжевноста, а често и воопшто уметноста, треба преку локалното да се обиде да допре до универзалното, а не обратно. Сметам дека е погрешно кога некои автори се обидуваат намерно да ги неутрализираат, европеизираат или американизираат нивните текстови со цел да имаат поширока публика. Напротив, верувам дека авторите треба да го негуваат својот локален идиом, зборувајќи за тоа што најдобро го знаат: својата средина, па низ неа да се обидат да допрат до универзалните карактеристики на човекот и општеството. На таков начин текстот добива уникатна обоеност и специфичен шарм. Во мојот случај, се обидувам еднакво да ги портретирам и времето во кое живееме – оти тоа време најдобро го познавам – но и нашиот простор, и тоа свесно го правам.

Да се чека да се остари или...

Што мислите, може ли животното искуство да се „надомести“ со книжевно искуство? Мора ли зрел автор да пишува зрела литература или се можни и поинакви комбинации на млад/„зелен“/зрел?

Нема правило. Земејте ја предвид Емили Дикинсон, која поголемиот дел од животот го поминала во соба. Или од друга страна, некој како Жозе Сарамаго, кој почнал да пишува доцна во животот. А да не заборавиме и дека секоја средина си ги има и оние автори со незрел израз, а големо животно искуство. Но знаете, писателите не треба да пишуваат само за тоа што им се случува, туку и за работите што ги насетуваат, што би можеле да им се случат. Оттаму, понекогаш животната зрелост и не е толку битна.

Нема подобри и полоши раскази

Она што книгата ја прави компактна, сложна и единствена е совршената изедначеност на единаесетте раскази (во вредносна, естетска смисла), рамнотежата и балансот на секој еден наспроти сите други. Нема подобри и полоши раскази, нема поважни и помалку важни, сѐ и сите се свои и посебни, секој (пре)доволен самиот за себе, а сепак, во контекст на Целото – само совршено вклопени камчиња во мозаикот со дванаесетта зададеност.
Редум или прекутрупа

Како им препорачувате на читателите да ја читаат „Мојот маж“: без ред, прекутрупа или почитувајќи го распоредот според кој вие сте ги наредиле расказите? Колку е важно тоа за крајниот впечаток?

Распоредот на расказите сепак не е случаен. Се обидував да ги прошарам, вметнувајќи „повесели“ раскази (иако и во веселите раскази често има трагичност) меѓу оние траорните. Не сакав читателот да го преоптоварам со мачни раскази, или пак, да го оставам лесно да си помине низ збирката. Последниот расказ, „Осми март“, исто така неслучајно е последен: тој е најгротескен, па си реков – кој стигне до тука, нека чита. Сепак, овој распоред е за читателите кои имаат навика да си ги читаат расказите по ред (јас сум една од нив). Верувам дека оние кои си читаат прекутрупа нема ништо да пропуштат.

Расказ кој да го нема

Со оглед на актуелноста на „Мојот маж“ периодов, доколку се појави потреба од второ издание, постои ли расказ кој би бил изоставен?

За среќа, сѐ уште не. Сѐ уште е рано да сфатам дека некој расказ отскокнува по квалитетот од другите, да сфатам дека не е добар, па полека да почне по малку да ми се гади од него, како што ми се случило со некои раскази од моите претходни две збирки. Но морам да признаам дека кога ја составував збирката, се обидував да го избегнам тој потенцијален проблем со тоа што исклучив раскази што ми беа сомнителни.

О. Ќорвезироска

Интервјуто со Румена Бужаровска е преземено од магазинот на Т-Мобиле - Мој клуб. Во најновиот број кој читајте интересни содржини од областа на технологијата, мобилните телефони, интервјуа, занимливости....

Извор:  Мој клуб
Објавена на 24.01.2015 07:43:27