Интервју

Нова искра во ноќниот живот на Скопје

Ноќниот живот во Скопје не ретко знае да биде  мошне здодевен, па и да сакаме да си поминеме убаво, на крајот од вечерта ќе се покаеме што воопшто сме излегле. За среќа, не е се така лошо како што изгледа.

Едно од нештата кои од неодамна ја убиваат монотонијата во главниот град, несомнено е
Skopje Bar Crawl. Оние кои често патуваат во странство најверојатно досега имале можност да присуствуваат на Bar Crawl настан кој е наменет најчесто за странците (туристите) и предвидува групно шетање по барови и уживање во алкохолот. За разлика од тоа, скопскиот Bar Crawl е една малку поинаква идеја, која го става својот акцент на дружењето и одличната забава. Нешто повеќе за тоа како функционира овој проект и како можете да станете дел од него, дознавме од Оливер Ѓориќ , ентузијаст кој полека, но сигурно својата замисла ја претвора во стварност.

Хмм....Bar Crawl во Скопје?

- Првичната идеја ја добив во Хрватска. Додека живеев таму ме поканија на Bar Crawl и изгуглав да видам што е тоа. Претходно во Америка имав слушано за тоа, ме викаа на такви настани, но тие беа од малку поинаков тип. Хрватска беше првото место каде што сфатив дека такво нешто фали во Македонија и дека ќе биде мошне интересно ако се реализира во Скопје. Таму покрај Bar Crawl имаше и други тематски вечери и забави, на пример имаше квизови кои беа организирани во пабови, па додека пиеш со другарите одговараш на прашања и добиваш награда.

Во тој момент посакав да направам комбинација од класичниот Bar Crawl, каде одиш по барови и пиеш и игрите кои претходно ги споменав. Размислував на идејата некој период и си реков дека тоа навистина му недостига во Скопје. Зошто да не создадам место каде луѓето ќе имаат можност да се запознаат, да научат нешто и да се дружат? Тоа не е само еден час дружење, туку околу 4 до 5 часа, речиси цела вечер.

Во другите држави каде што има Bar Crawl истиот е наменет само за туристи. Мојата замисла е малку поинаква од тоа затоа што тука нашите луѓе можат да запознаваат странци и со тоа да создаваат пријателства.

Многумина најверојатно се помалку збунети од тоа како функционира Bar Crawl, па затоа ајде да им го објасниме наједноставно што можеме...

- Станува збор за целовечерно дружење кое опфаќа посета на 4 различни локали и еден ноќен клуб. Се организира група од странци и наши луѓе кои претходно не се познаваат, во зависност од големината на групата има еден или повеќе party водичи чија цел е да ги организираат луѓето и да им ја направат вечерта што поинтересна. За време на заедничкото дружење, се играат најразлични игри со прашања и задачи, се освојуваат гратис пијалаци и слично. Сите оние кои сакаат да бидат дел од Bar Crawl претходно се пријавуваат и купуваат билет по цена од 9 евра на нашата веб страна.

Цената е иста како да ги купиш истите пијачки во локали, со тоа што тука добиваат можност да запознаат нови луѓе и да се забавуваат. Билетот може да се искористи во времетраење од 6 месеци, па доколку го купиле, а од некоја причина биле спречени да дојдат можат да го користат за било кој друг Crawl настан, со тоа што треба претходно да ни се најават. Целта на овие вечери не е да се опиете, туку напротив, да излезете, да се забавувате, да запознаете нови луѓе и да ширите позитивна енергија. Skopje Bar Crawl е единственото место во Скопје кое создава простор туристите кои доаѓаат и локалните луѓе да создадат интеракција, да се запознаат, дружат и креираат пријателства.

Во рок од 2 месеци Bar Crawl го посетија повеќе од 150 луѓе, од кои повеќето и понатаму се дружат и го одржуваат пријателството.

Значи концептот е нешто далеку повеќе од обична вечер во која ќе се опиеме и ќе си одиме дома...

- Поентата не е да се опиеш, туку да си поминеш убаво, да запознаеш нови луѓе и да се забавуваш на малку поинаков начин од стандардната скопска шема. Промовираме одговорно консумирање на алкохол и пазиме да не се претерува. Една од најважните мисии на Skopje Bar Crawl е да создаде убава слика за Скопје. Често ми се јавуваат од хостелите за да ме известат дека штотуку се дојдени гости кои се заинтересирани за Bar Crawl, откако вработените во хостелот ќе го препорачаат Skopje Bar Crawl тие доаѓаат, си поминуваат одлично и нивната перцепција за Скопје е најдобра. Се создаваат пријателства уште во првите 5 минути и автоматски се гради позитивен впечаток за градот, но и за самиот народ. Истото важи и за сите оние наши луѓе кои доаѓаат да се дружат и да си поминат убаво. На крајот не е толку важно да имаш многу пари за да излезеш колку што е важно со кого ќе излезеш и како ќе излезеш.

Како си задоволен од досегашната реализација на својата идеја?

-Досега сите коментари се позитивни и конструктивни. Не сум слушнал некој да рече дека не му се допаднало искуството. Морам да признаам дека сум задоволен, а воедно и воодушевен. Навистина не очекував толку добар feedback. Реално очекував помали групи бидејќи тешко е да донесеш странци и воопшто тие да дознаат за тебе. Истото важи и за нашите, кога ќе дознаат за Bar чудна им е идејата, некои не ја разбираат, некои не сакаат сами да се појават зошто им е незгодно и слично. Кога започнав со ова одев со конзервативни очекувања, сакав само да се обидам за да видам како ќе функционира и немаше да се разочарам, ако не успее. За среќа секогаш има такви луѓе кои сакаат да пробаат нешто ново, кои размислуваат „outside of the box“ и кои откако ќе го најдат тоа што им се допаѓа, ќе го препорачаат тоа на други луѓе и тоа оди од препорака на препорака...Очекувам во пролет и во лето ова да биде многу популарно, со повеќе вечери.

На вашата FB страна забележав интересни фотографии и многу весели лица кои очигледно супер се забавувале додека биле дел од Skopje Bar Crawl. Претпоставувам дека откако еднаш ќе дојдат и ќе им се допадне, повторно сакаат да бидат дел од оваа забава.

-Да има луѓе кои еднаш биле, им се допаднало и сега доаѓаат редовно. Редовно ја одржуваме комуникацијата, па дури имаме покани од некои од нив да ги посетиме во странство. Комуникацијата продолжува и по Bar Crawl. Максимално сме отворени и транспарентни, одговараме на секое поставено прашање на страната и на FB профилот, па доколку некој сака да ни пише, да не пофали, критикува или да се распраша за Bar Crawl може да го направи тоа во секое време. Фотките се само уште еден доказ дека луѓето уживаат во вечерта. Имаме потполно разбирање и за оние кои не сакаат да се фотографираат, ја почитуваме нивната желба и приватност, не ги сликаме. Сакаме фер однос и веруваме дека тоа е најдобриот начин за комуникација со луѓето.

За да не остане само на зборови, Идивиди посети една од овие вечери и се вративме дома со многу позитивни впечатоци и нови познанства. За искуството можеме да зборуваме со часови и повторно да имаме нешто ново за кажување, но наместо да го направиме тоа, ви препорачуваме да го посетите Skopje Bar Crawl и самите да се уверите во тоа. Освен тоа што ќе го доживеете Скопје на еден нов и поинаков начин, ќе посакате секоја недела да бидете дел од оваа весела дружина.

Н. Вуковиќ

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 20.12.2014 12:56:00