Интервју

За почеток се потребни само патики, тренерки и желба за спортување.

Уште од првото издание во 1896 година, мечувањето е спорт кој е дел од програмата на летните олимписки игри. Иако егзистира над сто години и е дел од историјата на три века, сепак за мечувањето се знае многу малку. За да откриеме многу повеќе, ИДИВИДИ разговараше со Марјан Александровски од МК Вардар.



Како започнавте, како мечувањето влезе во Вашиот живот?

Почнав случајно, во време кога бев млад и кога сакав да се занимавам со некаков спорт поразличен од фудбал или кошарка. Имајќи школски другар кој веќе се занимаваше со мечување отидов на еден тренинг, ми се допадна и така започнав во МК Работнички. Во тоа време, во 70-тите тоа беше единствен клуб, а тренинзите се одржуваа во карате центарот Работнички. Со мечување се занимавам 40 години и од 2008 година сум член на МК Вардар.

Од денешна временска дистанца, на што прво се сеќавате?

Се сеќавам на периодот на учење кој не беше нималку лесен. На почетокот ги учевме ставот, чекорите, напад, одбрани и воопшто текот на борбата со противник. Ентузијазмот беше голем, така што по неколку години ја совладав вештината и стигнав и до репрезентација на СФРЈ. Секое патување на некој турнир во земјата или странство, а ги имаше многу во тоа време, беше интересна случка поради огромното другарство и забава што се случуваше додека патувавме.

Подетално, како би го претставиле мечувањето?

Основен факт дека мечувањето има три дисциплини: флорет, меч и сабја, сите се со различни правила и начин на бодување, при што кај нас главно оружје е мечот. Во дисциплината меч важи погодок во било кој дел од телото. Кај сабјата важечка површина е горната половина на телото со маската, додека во флорет важечки е само трупот на мечувалецот. Поените во борба меѓу два мечувалца се регистрираат со специјална апаратура со сигнални светла и судија. Мечот трае до пет погодока-туша, што доаѓа од француски tushe, кој всушност е официјален јазик во мечувањето.

Кога е најдобро да се почне со тренирање?

Некаде од десеттата до дванаесетта година, но може и порано. Горна возрасна граница нема за што јас и моите колеги сме вистински пример. Последниве години имам учествувано на неколку светски и европски ветерански првенства во дисциплините меч и сабја.

На кој начин се одвиваат тренинзите?

Вообичаено како и кај другите сериозни спортови, со загревање, растегнување на мускули, поединечна работа со тренерите и на крај борби.

Кај нас во МК Вардар се одвиваат три пати неделно по два часа и тоа во салата на средното фискултурноучилиште.

После колку долго тренирање може да се очекуваат првите резултати?

Резултати можат да се очекуваат веќе по една или две години во зависност од тоа колку сериозно и редовно се работи и тренира.

Што најмногу се цени кај еден мечувалец?

Техниката и рефлексот. Секако, како и во секој спорт така и во мечувањето важна е и физичката подготвеност. Знаете, еден турнир трае цел ден, а обично утредента има екипно или друго оружје и така често еден турни трае и два дена.

Според квалитетот, каде сме ние во однос на другите држави?

Ние за жал сме некаде во средината во однос на светот. Мора да истакнам дека мечувањето е најразвиено и има најголема конкуренција во Европа.

Мечувалците носат посебна опрема која е многу впечатлива и елегантна. Колку чини и колку време може да служи?

Опремата е релативно скапа и се движи околу 500 евра. Конкретно, мојот костим ме служи 25 години што докажува дека опремата е квалитетна и долго трае. Сепак, за почеток се потребни само патики, тренерки и желба за спортување.

Вие и помладите колеги сте доказ дека мечувањето овозможува обликувано и вито тело како кај жените така и кај мажите.

Да, во право сте! Таа подвижност и привлечност се резултат на тренинзите кои овозможуваат формирање на телото, но и на духот кај жените и мажите. Мечувањето е динамичен спорт кој бара координација на телото, умот и духот, но истовремено брз рефлекс и подвижност во текот на борбата со противникот.

Уште колку години ќе се занимавате со мечување?

Посебен план за траењето на мојата кариера немам. Во секој случај, се додека можам ќе мечувам и ќе ја пренесувам мојата вештина на помладите генерации. Имам желба да

донесеме медал од светски или европски првенства, кои се одржуваат секоја година.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 17.10.2014 16:43:56