Интервју

Да си подадеме рака и да издржиме во животот како луѓе

Прилеп-Крушево-Софија-Лос Анџелес се градовите каде е роден, образуван и каде во моментов живее Александар Цветаноски. Иако дипломирал Глобален бизнис на универзитетот од Феникс, за време на студирањето се занимавал со глума и пишување кратки раскази на англиски јазик кои не се објавени. Неговиот креативен творечки дух неодамна повторно го донесе дома. Пред македонската читателска публика ја промовираше својата прва книга „Република Метеори”.



- Идејата за ова дело ја носам од 2007 година. Најпрво се стремев текстот да биде сценарио за филм, а подоцна да стане книга. Меѓутоа, пријатели од Лос Анџелес ме поттикнуваа најпрво да го напишам текстот, кој подоцна може да претставува сценарио за филм. Така и се случи. Пораката од книгата е следна: како што ликовите си помагаат еден на друг, така сите треба да се свртиме еден кон друг, да си подадеме рака и да издржиме во животот како луѓе, како народ, да се почитуваме.

Кога ќе се спомене Прилеп, прво помислуваш на...?

На гордост, инает, непокор, пркос, чесност, трудољубивост, мајтап и вербата во Бога.

Што најмногу од Македонија ти недостасува во САД и како тоа го компензираш?

Тоа се мириси и чувства карактеристични само за тука. Мирисот на липите и јоргованите на пролет, мирисот на свежо печен леб од некоја фурна и мирисот на свежо печена леблeбија во старата чаршија. Готвењето на мојата мајка и ликот на мојот дедо Јордан кого не го видов за последен пат. Тоа не се компензира.

Колку често доаѓаш овде и што најпрво посетуваш?

Обврските и училиштето не ми дозволуваат да ја посетувам Македонија толку често колку што сакам. Меѓутоа, се обидувам барем еднаш на секои две години да најдам време и да дојдам дома. Како секој човек кој имал едно нормално детство, секако дека најпрво ги посетувам најблиските, за да ги обновам спомените и моментите поминати со нив. А, ако мислевте која локација најчесто и прва ја посетувам, тоа е манастирот Свети Архангел Михаил во Варош, Прилеп.


Кој лик од нашата историја ти е омилен и зошто?

Методија Андонов Ченто. Способноста негова да води народ без посебен напор, ме асоцира на леснотијата со која Христос привлече маси од луѓе. Кај народот беше обожуван и почитуван, а знаеме каков беше неговиот крај.

Ајвар или лутеница?

Ајвар, ама не само од пиперки, туку и модар домат во него.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 29.09.2014 16:40:43