Интервју

Се срамам од висококалорични лаги

Васко Маглешев е млад и успешен човек со исцртани животни приоритети. Неколку години ненаметливо го остварува професионалниот ангажман како презентер и новинар во ТВ 24Вести. По дипломирањето, магистрираше на тема „Влијанието на политиката во европскиот културен простор“. Својот научен интерес размислува да го продолжи на докторски студии надвор од државата. Во неговиот вокабулар среќата е глагол, а не именка.



Споменувањето на родната Струмица те асоцира на?

На првиот плач, на споменот како животна фреска, на првата љубов и првиот чекор... Таму се одаите на мојата лична географија, каде што се родил мојот здив, каде сум ја осознал првата болка и првата радост. Себично ја „смрзнав“ сликата на градот каков што го паметам и ја „одмрзнувам“ по потреба.



Твои пет омилени места во Македонија се?

Манастирските комплекси во Водоча и Вељуса-струмичко, бидејќи се духовни конаци на еден бескраен и вековен мир. Мегалитската опсерваторија Кокино. Таму ерозијата на камењата и времето со исклучителна прецизност изѕидале впечатлив музеј на отворено, кој ни најврвните архитекти не можат да го осмислат. Водопадите под Беласица-Смоларе и Колешино, поради поетиката на просторот и бунтовноста на водата. Нив често ги посетувам и Охрид како таков.

Особено горд како Македонец те прави?

Незапишаната историја - онаа од куќарките, од семејните одаи, покрај животните - која не е триумфална, туку тивка, мирољубива и трпелива. Горд сум на секој културен маркер кој го обележува ова парче простор, како и на секоја критичка педагогија на духот...

А, се срамиш од...?

Се срамам од висококалорични лаги кои се продаваат како витамин Ц, од лоши споменици, од расипаниот метаболизам на вредности, од корумпирано судство, од поткупливоста, од узурпацијата на државата во приватното, од ситното профитерство, од сервилни медиуми...



Чии бои, на кое годишно време за тебе се бои на Македонија?

Јас сум дете на есента, а Македонија е земја на бои. Тогаш тој калеидоскоп станува најжив, посебно во местата кои не зафатени со градежна пластична хирургија. Мирисот на печени костени, на дожд, шушкањето на лисјата - тоа е Македонија во пастелни бои.

Која книга од македонски автор би му ја препорачал на странски турист?

Веројатно некоја од битовите драми. Но, со оглед на безвременоста на темата, „Парадоксот на Диоген“ од Томе Арсовски. Тоа дело е некаква македонска реплика на Кафкиниот „Процес“ и одблизу ја прикажува македонската реалност во митската потрага да се пронајдеме себе си.

Извор:  0
Објавена на 22.09.2014 16:22:15