Интервју

Voca вонземјаните во инвазија на Охрид

Од 2009-та, па сè до денес, светот ужива во нивните уникатни настапи и е фасциниран од способност за имитирање и комбинирање на музичките звуци.

Доаѓаат од Израел, но вешто го кријат својот идентитет прекривајќи ги лицата со бела боја. Се претставуваат како вонземјани од планетата Voca, кои комуницираат единствено преку музиката, а нивниот спектакуларен перформанс досега успеа да привлече повеќе од милион посетители низ светот. Тие се Voca People и вечерва за прв пат настапуваат на сцената на Античкиот театар во Охрид, во рамките на Охридско лето.

Лиор Калфо, кој е еден од креаторите и продуцент на Voca People шоуто, за Идивиди изјавува дека музикалните вонземјани одвај чекаат да се појават пред македонската публика и ветува шоу кое ќе ви остане во долго сеќавање.

Што во суштина преставуваат Voca People?

-Voca People е музичка комедија која успешно се прикажува низ светот веќе 5 години. Тоа е едно интергалактичко шоу какво што досега не сте виделе. Станува збор за перформанс кој ги комбинира восхитувачките вокални звуци и „а капела“ пеењето со уметноста на модерниот битбокс кој ги имитира звуците на цел оркестар. Пред неверојатните вокали на Voca вонземјаните едноставно не можете да останете рамнодушни.

Зошто бело? Која е симболиката на бојата?

-Белата боја е чиста, означува наивност, единство, но пред се хармонија. Како што знаете белата ги содржи сите бои на виножитото исто како и caмите Voca кои исполнуваат различни гласови-бас, тенор, баритон, алт, мецо сопран...

Со оглед на тоа дали Vоca имаат и омилен тип на музика со која најмногу сакаат да работат?

-Уф, тоа е навистина тешко прашање бидејќи нивната суштина е во музиката, секој тип на музика. Во шоуто се изведуваат песни од Бетовен и Моцарт со Мадона, Квин, па дури и Лејди Гага. Она што најмногу го сакаат е разновидноста која што може да се постигне преку музиката.

Сте соработувале ли досега со други музичари и пејачи со цел да го направите шоуто уште поинтересно?

- Досега сме имале неколку соработки. Работевме со Лара Фабијан во Франција како и со мошне популарниот јапонски пејач Демон Кака. Сепак, многу е тешко да се прават такви соработки бидејќи Voca пеат во совршена хармонија и секој дополнителен глас треба да биде совршено синхронизиран со нив.

Колку траат подготовките за едно шоу?

-Не многу. Како и да кај сите слични сценски настапи. Само неколку часа.

Ова е прва посета на Voca во Македонија. Дали вонземјаните знаат нешто за нашата земја и колку се возбудени од посетата?

- Премногу се возбудени! Знаеме дека Македонија е многу убава, а слушнавме и дека народот е многу гостопримлив. Најважно од сè e што сте музикални луѓе. Voca досега настапуваа кај вашите соседи Грција и Бугарија. Познато им е дека го славите Илинден ден по концертот, па планираме заедно да го дочекаме празникот со голема прослава.

Што можеме да очекуваме од вечерашниот настап во Античкиот театар во Охрид?

-Час и половина забава и одлична музика наменета за возрасните, но и за помладите. Па, така и да имате 9 или 99 години ќе ви се допадне и ќе се забавувате. Ова е супер шанса да погледнете нешто што гостува низ целиот свет, како доаѓа и во еден од вашите градови. Voca се пресреќни што денеска ќе имаат можност да се запознаат со вас.

Н. Вуковиќ

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 01.08.2014 14:09:52