Интервју

Максим Мрвица: Обичен човек со маестрален талент

Хрватскиот пијанист, Максим Мрвица, има сè што некогаш посакувал. Успешна кариера, илјадници обожаватели ширум светот, семејство и пријатели кои го прават среќен.

Но, патот до успехот на „пијанистичкото чудо од Шибеник“ е долга приказна исполнета со подеми и падови, постојана борба за успех и неверојатна страст за реализирање на сонот.

Во рамки на годинешното издание на Охридско лето, македонската публика за прв пат ќе има можност во живо да ги погледне неговите маестрални изведби и да ужива во неговата музика.

-Многу му се радувам на концертот во Македонија бидејќи секогаш кога ќе дојдам во некоја земја, каде што претходно не сум бил има луѓе кои ја сакаат мојата музика. Се надевам дека на концертот ќе има одлична атмосфера, вели Максим, кој и покрај збиениот работен распоред, накратко најде време за да поразговара со нас.

Овој музичар по потекло од Шибеник, кој денес важи за најпродаван кросовер пијанист во светот, уште од детството негува голема љубов кон класичната музика. На 11 годишна возраст го одржа својот прв концерт како солист со оркестар, а веќе на 15 ја освои првата награда на државното натпреварување во Загреб.

-Прво се вљубив во клавирот кога имав само 8 години. Подоцна ја засакав класичната музика. Тоа е единствената музика која постои речиси 400 години. Тоа ја прави единствена, признава овој талентиран уметник. Сепак, вели дека кога станува збор за неговата кариера, честопати се соочувал со најразлични препреки кои му ја отежнале реализацијата на плановите.

-Мојот пат до она што го имам денес за жал беше многу трновит и долг. Јас ја градев кариерата во пост воена Хрватска каде луѓето имаа далеку поголеми грижи од тоа дали ќе најдат време да слушаат концерти. Немаше стипендии за музичари, па морав сам да се снаоѓам и да си го финансирам школувањето, усовршувањето и одењето на натпревари. Таквите ситуации ми ги развија менаџерските способности за во иднина.

Максим Мрвица зад себе има 10 студиски изданија, распродадени во повеќе од 2 милиони примероци, а неговите изведби остварија над 60 милиони посети на YouTube.

Во 2004 „Vogue Homme“ магазинот го прогласи за најдобро облечен маж на светот, но оние што го познаваат велат дека неговиот стил не бил она што е, доколку ја нема неговата вродена харизма. За Идивиди открива, дека зад сликата на светски познатата ѕвезда, се крие сосема обичен човек кој ужива во малите нешта.

-Ја обожувам природата. Често планинарам со мојата ќерка. Освен тоа сакам да одам по клубови и да се забавувам со пријателите секогаш кога имам прилика за тоа. Животот мора да се живее во потполност. Тоа е моето мото, објаснува Мрвица и додава -Многу сум среќен со нештата кои ги имам постигнато во својот живот. Сè направив од ништо, со оглед на тоа дека бев само едно момче од мал град во Хрватска. Секогаш ќе гледам напред кон новите предизвици и успеси.

Сите оние кои се кои се љубители на неговата музика наскоро може да очекуваат нов материјал. Во моментот Мрвица го снима 11-студиски албум, кој ќе биде изнададен на есен, а потоа заминува на светска турнеја.

Н.В

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 26.07.2014 08:43:29