Интервју

Трибините на Маракана се тресеа пред нашите очи

Финалето на Светското првенството во фудбал, кое годинава се одржа во Бразил, несомнено беше мошне возбудлив момент за милиони гледачи ширум светот. Сепак, нивното искуство е неспоредливо со оние кои се најдоа на Маракана и ја следеа целата еуфорија во живо.

На илјадници километри од дома и во еден од најубавите градови на светот, Диме Поповски, Катерина Јованоска и Радомир Димитриевиќ ја имаа уникатната можност лично да ја почувствуваат фудбалската магија и раскошот на Рио. Тие се добитниците од наградната игра на Македонски Телеком „Со MaxTV на светското првенство во Бразил“ кои по враќањето од Рио ни открија неколку интересни детали околу своето патување.

Патување за Бразил?! Дали се шегувате?

-Кога ми се јавија од Македонски Телеком не можев да поверувам дека е вистина, но набргу ја прифатив информацијата и бев воодушевен од наградата, вели Димитриевиќ.

За разлика од него, другите добитници дознале дека ќе патуваат за Бразил благодарение на своите мајки.

-Среќата ми е слаба страна и кога првпат слушав од мајка ми со неверување ја примив информацијата дека сме наградени сè додека не дојде до официјалното објавување.Tогаш сигурно знаев дека е вистина. Како се ближеше нашето тргнување сè уште мислев дека нешто ќе се откаже бидејќи никогаш не сум верувал дека ваквите награди не се поднаместени, објаснува Диме.

-Кога бевме известени од Македонски Телеком дека мојата мајка е добитник на патување за Светското првенство во Бразил јас не бев дома, мајка ми телефонски ме извести, а јас мислев дека се шегува со мене бидејќи од секогаш сум сакала да ја посетам Јужна Америка. Веднаш се вратив дома. По повторното јавување, сфатив дека станува збор за сериозен проект и прифатив без двоумење. Бев неизмерно среќна што дојде време мојот сон да се оствари, додава Јованоска.

Рио –рај и пекол во нераскинлива прегратка

Рио де Жанеиро без сомнение е еден од највозбудливите градови во светот. Според раскажувањето на нашите соговорници ќе ви бидат потребни повеќе од неколку денови за да ја истражите сета негова убавина, но и да погледнете зад превезот на совршенството кој ја крие неговата темна страна.

-Сè уште сум под импресија од убавините на Рио де Жанеиро, убавина која може да се компарира со рајот и која не може да се супституира со убавината на ниту еден европски град. Убавината на плажите, а посебно Копакабана и планината Корковадо со статуата од Исус Христос. Прекрасната архитектура, високите објекти, обезбедувањето на објектите кое беше на многу високо ниво со високи дебели огради и ѕидови со електрични жици, се со цел да се гарантира безбедноста на животот од мафијата низ Рио де Жанеиро. Рио претставува една синтакса од добро и зло, од една страна се прекрасната природа и градби, а од друга е криминалот кој многу е распространет во градот. Како рајот и пеколот да се во цврста нераскинлива прегратка, раскажува Катерина.

Сепак и покрај двојната природа на градот, она што најмногу импресионира е народот и неговата гостопримливиот кон странците.

-Имавме информација дека важи за град со повисок ризик за безбедноста на туристите и жителите, меѓутоа секогаш кога ќе потпрашавме некого од жителите, иако голем дел од нив не зборуваат англиски, се трудеа да пронајдат некого за да ни помогне и беа навистина учтиви и гостопримливи, објаснува Диме, додека Катерина додава дека многу и се допаѓа тоа што нема расна дискриминација и на улиците може да се видат деца и возрасни како се дружат едни со други без разлика на нивната боја на кожа.

-На едно патување низ Рио се роди пријателство со еден таксист кој нè возеше до статуата на Исус Христос на Корковадо. Пријатен човек со добра душа и топло срце ни излезе во пресрет и многу ни помогна како мене така и на останатите добитници на наградата. Разменивме информации за нашите култури, разликите во начинот на живот, разликите во безбедноста на луѓето во Македонија и Бразил, познатите личности… Од тој разговор некој од Бразил слушна за големината на нашиот ангел Тоше Проевски, ни открива таа.

Натпревар за паметење

Еуфоријата од гледањето на финалниот натпревар е искуство за паметење, а кога имаш можност да го доживееш сето тоа и во живо, нештата се навистина неверојатни.

-Го чувствуваш секое додавање на топката, секој извик од навивачите. Ја чувствуваш секоја можност за гол и секоја изгубена можност на тимот за кој навиваш. Самиот долгоочекуван гол беше врвот на задоволството. Мој фаворит беше победникот Германија, вели Јованоска.

-Натпреварот во живо беше одличен и иако бев за Германија навистина мислам подеднакво заслужи и Аргентина да стане светски првак. И двете репрезентации имаа одлични шанси и реално беше да заврши на пенали, па среќата да отслужи. На трибините беше неповторливо!, ни открива Поповски.

-Сè можеше да се види и да сè слушне, а атмосферата беше неверојатна. Благодарен сум што можев да ја почувствувам убавината на овој финален натпревар, се надоврзува Димитриевиќ.

Ги оставаме да ги средат своите впечатоци од Бразил и да се прилагодат по враќањето во Македонија. Судејќи по нивните изјави, ова искуство ќе го паметат до крајот на животот. Кој знае, можеби во некоја наредна прилика повторно ќе имаат можност да го посетат Рио де Жанеиро и да продолжат онаму каде што застанале.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 21.07.2014 16:41:53