По завршувањето на дипломските студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, Наташа Забрчанец се пријавила за стипендија за постдипломски студии во Германија. И покрај пријавените кандидати од повеќе балкански држави, добила целосна стипендија на Универзитетот во Билефелд. Била дел од програмата „Европа интензив”, каде преку предавањата на професорите од факултетот како и на повеќе претставници од Европската унија имала можност да се запознае со начинот на кој функционира ЕУ. Подоцна, била на задолжителна пракса во Берлин каде работела со претставници на Европскиот парламент и Европската комисија.
Дали и на кој начин го славиш Велигден во Германија, на македонски или германски начин?
Велигден и Божиќ се најголемите христијански празници и каде и да сум ги славам. Кога сум во Германија, Велигден го славам со моите роднини на германско-македонски начин: со велигденски јајца, заедно со целата фамилија, составена од Македонци, Германци и Французи. Една германска традиција на која и се радуваат најмладите е криењето на велигденските јајца, чоколада и подароци низ домот и градината. Младите им се радуваат на пронајдените подароци и јајца.
Како во една реченица би ја опишала Македонија?
Прекрасна мала држава со многу гостопримлив и топол народ. Тоа не е само мое мислење туку и на сите мои германски пријатели и роднини кои ја посетиле Македонија. Посебен впечаток секако им остави мојот роден Прилеп и прошетките по Марковите кули како и Охрид и Охридското Езеро.
Постои ли настан или случка при кои си се почувствувала горда Македонка?
Да, постојат многу, но во оваа прилика ќе споменам една случка. За време на моите студии во Германија посетував задолжителна пракса во една фирма во Берлин. Станува збор за фирма што организира симулации за донесување на закони во Европската унија. Покровител на овој настан е Европскиот парламент. На почетокот или на крајот на секој настан присуствуваа европски парламентарци, кои учесниците ги запознаваа со нивното секојдневие. Во една прилика, една европска парламентарка почна да зборува за Македонија, за целата ситуација со Европската унија и за тоа колку е воодушевена од нашата земја, од напредокот и од нашиот гостопримлив народ. Тоа беше чувство кое не се опишува, чувство кое придонесе да се чувствувам горда што сум Македонка.
Што во Германија ти се допаѓа повеќе од Македонија?
Големината на нејзината територија. На почетокот на моите студии главна цел ми беше да ги посетам сите познати и големи градови во Германија. Така, моето слободно време го користев за патување. Бев воодушевена од убавините на Германија, а посебно од малите и не толку познати гратчиња, кои ги посетив за време на праксата.
Каде сакаш да ја видиш Македонија по пет години?
Сакам да ја видам како држава со просперитет за младите. Држава каде би се вратиле сите, кои моментално се на студии и доквалификации во странство.