Интервју

Само странските изведувачи можат да живеат од музика

Годинава, календарското пристигнување на пролетта го одбележа концертот на групата Никеја со кој беа одбележани дваесет години постоење. Како и тогаш, и денес, песните на Никеја звучеа свежо. „старата” и „новата” генерација нивни почитувачи уживаше во: Имун на глупоста, Последен суд, Линиски код, Лондон,...

По концертот, ИДИВИДИ разговараше со Деан Ќурчиев, гитарист и вокал во Никеја.



Како се чувствувате по концертот?

Се врати онаа иста енергија која ја имавме и пред дваесеттина години. Овој концерт ни беше потребен. Ги наполнивме батериите и одиме понатаму.

Колку си задоволен од посетеноста и атмосферата?

Да бидеме реални, со оглед на фактот дека немавме никаква поддршка за настанот од ниту еден покровител, и медиумски беше многу малку покриен, посетеноста беше мала. Но, таа посетеност беше доволна да се почувствува размената на енергии. Со оглед на фактот дека сме настапувале и пред 5000 и пред 1000, па и пред 300 посетители, приказната е таа, само финансиската придобивка е различна. Никогаш не сме се наметнувале, туку секогаш сме посакувале публика која со срце слуша. Токму таа публика во мал број направи атмосфера како за 5000.

Што и понудивте на публиката?

Отсвиревме песни од првиот албум „Двобој”, од вториот „Унисекс” и дел од песните кои ќе се најдат на најновиот, кој носи работен наслов „Њу Фолдер”.



На концернот имавте повеќе гости. Врз основа на кој критериум ги одбравте?

Сите гости кои партиципираа на концертот се наши добри пријатели со кои директно или индиректно сме соработувале изминатите години. Повторно ќе ја искористам приликава да им се заблагодарам на Суперхикс, Водолија и Барбарела, како и на Нокаут, Рок Агресори и Драган Гиновски–Гино кои од оправдани причини не настапија.

Која постава на Никеја свиреше, истата која почна пред 20 години или некоја нова?

Имавме таква замисла да настапи оригиналната постава на Никеја. Но, пак ќе спомнам, поради приватни обврски на одредени луѓе не успеавме да го реализираме планираното. Покрај постојаните, Александар Стојковски (бас гитара) и јас, Деан Ќурчиев (гитара и вокал), на наше огромно задоволство настапија и Кристина Егуменовска (вокал) која ги отпеа најголемиот дел од песните на албумот „Унисекс” и која специјално за оваа прилика допатува од Словенија, каде живее и работи. Голема благодарност упатувам и до Елена Христова (Баклава), исто така поранешен член на Никеја, како и до Владо Младеновски (гитара) и Лазар Коцев (тапани), кој инаку е наш многу добар пријател и член на групата Сорс која работеше паралелно со нас изминативе години.

Од денешна временска дистанца, како гледаш на почетоците?

Не беше лесно да се опстане, но условите тогаш беа сосема други. Во тој период, многу поискусни групи несебично ни подадоа рака и многу сме им благодарни за тоа!

Дали ја исполнивте мисијата?

Во еден дел да, во еден дел не. Токму заради нашата ненаметливост, некои нови генерации дури сега ја откриваат Никеја. Таа рок форма која ја понудивме беше така спакувана да продолжи да биде секогаш одново и одново свежа.

Што беше најтешко, а што најлесно во однос на работата?

Нема единица мерка за леснотијата и тежината во музиката. Тоа што искрено го работиш и од срце ќе те одржи како што нас не доведе до овој скромен јубилеј.

Се живее ли кај нас од и за музика?

Мислам дека Македонија е уникат во светот по тоа прашање. За тоа сведочат искуствата кои ги имам видено низ другите европски земји, но и во земјите во регионот, Таму се е поставено и функционира на сосема друг начин. Кај нас, мал дел музичари можат да се пофалат со фактот дека живеат од и за музика. Да не бидам погрешно сфатен, во примеров мислам на луѓе кои работат авторска музика, а не на луѓето кои свират по локали кавер песни или луѓето кои прават авторска музика за да можат да свират кавер песни. Вината за ваквата слика не е „ничија”, а е „сечија”. Во Македонија само странските изведувачи можат да живеат од музика. За жал, таква е поставеноста, реципроцитет нема. Никако да се излезе од сенката на екс ју претераната носталгија, која во другите републики ја има во минимален процент. Можеби е тоа проклетство кое се провлекува поради фактот што нашето меѓународно официјално име е FYROM, па можеби затоа никој релевантен субјект не обрнува сериозно внимание на македонската музика. Во светот, најголеми ѕвезди се музичарите без разлика од каде доаѓаат. Кај нас ѕвезди се новинарите (со чесни исклучоци), музичките менаџери (со чесни исклучоци), останатите се без конкуренција. Се е наопаку поставено, а многу малку недостасува сето тоа да функционира. Мои пријатели од регионот па и пошироко немаат вакви банални проблеми. Кај нив, тантиемите од авторските, изведувачките, па и други права се сосема доволни за скромно живеење и инвестирање во нови студиски проекти, додека концертите и спонзорските договори им го носат епитетот ѕвезди.

Решение?

Принципот на издавање на албуми на носачи на звук од типот на CD, винил итн. во светот е одамна напуштена пракса. Само во мал дел и за одреден број на колекционери се продуцираат такви изданија. Сето останато големите корпорации го пласираат во дигитална форма и со различни понуди за online download. Глобалната мрежа го олесни работењето само за оние кои ја сфатија суштината на работата. Можноста секој да може да постира на youtube, soundcloud, итн. не значи и автоматски успех. Моќта на менаџирањето го движи светот. Мислам дека во Македонија тој пристап не е со искрени намери и затоа во тој поглед се движиме спротивно од остатокот од светот.

Идни планови?

Планови има многу. Меѓутоа, додека работите не застанат на вистинско место можеме уште со години да мечтаеме дека овој квалитет што го поседуваме во Македонија ќе не направи културно интересни за светската популација. Можеме да глумиме лудило дека сè е во ред, но тоа е краткорочно исплатливо за некои музичари. Постојаноста ја носат светските стандарди, а не импровизацијата која се провлекува сите овие години.

И.Николовски

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 04.04.2014 22:05:02