Интервју

Пијаното лек за сите рани

Во рамките на Скопско лето, во понеделник (22-јули) со почеток во 20.30 часот, Музејот на Град Скопје ќе биде сцена на која концерт ќе одржи камерното дуо Билјана Петровска, пијано и Александра Тевдоска, флејта. На паузата помеѓу две проби, ИДИВИДИ разговараше со Билјана Петровска.



Концертот во рамките на Скопско лето е закажан за понеделник 22 јули, што за Вас како дуо претставува овој настан?

Концертот, насловен „Раскажано од пијаното и флејтата” претставува продолжение на мојата долгогодишна соработка со Александра. Со својот талент, технички виртуозитет и зрелост во музичката изведба, овозможи да дојдеме до реализирање на овој концерт на кој ќе се претставиме со навистина интересна, многу тешка и музички инспиративна програма.

Збор два за програмата?

Сакајќи на публиката да и раскажеме различни приказни, одбравме програма која доловува различни расположенија и содржини. Во првата композиција Meditation, композиторот J. Masennet ни преставува меланхолична атмосфера, но веќе во втората композиција (Фрагменти од операта Кармен) се донесува страст и немирен темперамент на младата Кармен. Со следното дело, Унгарска фантазија на публиката ќе и раскажеме за една поинаква атмосфера исполнета со контрастни елементи (хумористични и оние исполнети со длабока тага и болка) кои се инспирирани од унгарскиот фолклор. Последната приказна е можеби најголем предизвик. Да се раскажат приказните на современиот композитор Astor Piazzola кој е еден од најзначајните претставници на танго стилот во музиката во чие творештво преовладува страста, пасијата, љубовта, навистина не е лесна задача.

Ова не е Ваш прв настап на Скопско лето?

Точно и за мене како и за секој уметник е чест да се настапува на ваква престижна и со долго искуство културна манифестација. Со концертот продолжува успешната соработка со луѓето од Дирекцијата за култура и уметност и им благодарам на нивната доверба. Овој концерт за мене претставува продолжување на низата настапи кои ги имав годинава со: Дуо Пан, Трио Дријада, Трио ВивАрт и со други македонски музички уметници.

Се чини летово ќе го минете работно?

Да, со повремени излети до Пештани (се смее). По овој концерт следи подготовка со учениците кои ќе настапуваат на меѓународниот фестивал „Езерски Бисери” во Струга по што следуваат приемните испити на ФМУ со идните студенти, настап со трио Дријада на „Топол културен бран“ во Кратово и активна подготовка за претстојните концерти со квартетот Анимус.

Како уметник Вие постојано настапувате, но истовремено предавате во МБУЦ Илија Николовски-Луј. Потребно ли Ви е денот да трае подолго?

Често ми недостасуваат 2-3 часа во денот за да постигнам се'. Тоа се случува во одредени периоди кога ќе ми се поклопат обврските.

Кажете ни нешто повеќе за тоа како  се подготвувате за еден Ваш настап.

Секој настап бара соодветна подготовка, без разлика дали се работи за настап со камерен состав или соло. Подготовката се состои од расчитување на музичкиот материјал, кој потоа технички и музички треба да се подготви до одредено ниво за да може и другите музичари да почнат со проби. Доколку се работи за соло настап потребно е технички да се усоврши програмата, за да може да се добие поголема слобода во музичкиот израз. Јас, првата фаза од подготвување на настапот обично ја подготвувам дома.

А што е со Вашите прсти, болат ли од многу вежбање?

Ова прашање ми е многу познато и често ми го поставува мојот внук кога ме чека да завршам со пробата кога вежбам дома. Доколку правилно се вежба, на исправен начин, со правилно држење на рацете и телото, нема опасност од болка ниту во прстите ниту во било кој дел од телото.

Ако некој од фамилијата побара од Вас да засвирите дали веднаш седнувате покрај пијаното?

Тоа се случува ретко, но да, го правам тоа. Обично мојот внук има желба да му отсвирам нешто, а на мојата мајка и ја свирам нејзината омилена композиција Without you од Мараја Кери.

Би се согласиле ли дека пијаното е мелем за ранетата душа?

Да. Пијаното за мене претставува посебен свет во кој можеш да заборавиш се. Тоа е пријател кој преку вашата изведба чувствува какво ви е расположението. Со него секојдневно ја споделувам и радоста и тагата. Кога ќе навлезеш во тој свет, барем додека си таму, забораваш на проблемите. Со една реченица кажано, иако не е доктор, пијаното ги лечи сите рани.

Вистина ли е дека пијанистите се имуни на стрес?

Секој настап на еден музичар-изведувач на еден начин, помалку или повеќе претставува стрес. Сцената е немилосрдна и секогаш има многу големи очекувања и барања од изведувачите. Кај нас секогаш постои трема која доколку претставува одговорност за самиот настап е позитивна и може само да помогне. Но, доколку се работи за преголема трема која го контролира изведувачот, а не тој неа, стресот е огромен и тремата е негативна.

И.Н

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 19.07.2013 22:43:06