Правдата излезе на виделина, во судската постапка беа презентирани факти и аргументи, присуствував на рочиштата, го бранев интересите, правдата победи, кажа кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, откако обвинителството го повлече обвинението против него.

- Конечно правдата излезе на виделина. Пред претседателските избори во 2024 година реков дека тоа е политички монтиран процес од страна на урбано-политичко бизнис спрега позната во општината. Бранев јавен интерес и тогаш и сега ги застапувам интересите на граѓаните. Како човек кој верува во институции и малкуте професионалци кои ги има во нив а во овој случај и во узурпираниот обвинителско правосуден систем, поминав низ долго патешествие и присуствував на секое рочиште пред судот. Во таа судска постапка беа презентирани многу факти и аргументи во форма на докази од мојот адвокатски тим кои ги побија обвинувањата и потврдија дека сум работел по закон во заштита на јавниот интерес. Правдата победи! Трошоците на постапката ќе бидат надоместени според закон, а јас во иднина ќе информирам за моите понатамошни правни дејствија, соопшти Димитриевски.
Основниот суд Куманово донесе пресуда со која обвинението против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски се одбива, бидејќи јавниот обвинител се откажал од обвинението, соопшти кумановскиот суд. Димитриевски беше обвинет, лани во април за „злоупотреба на службената положба“, затоа што советот донесе суспензија на детален урбанистички план. Во рочиштата кои беа одржани изминатиов период, сопственици на градежни компании се жалеа дека имаат штета донесена од суспензијата. Градоначалникот кажа дека ги штити интересите на кумановци, бидејќи изградбата на комплексот згради во централното градско подрачје помеѓу гимназијата и школската амбуланта ќе го наруши хуманото живеење.