Градоначалникот на Хирошима го покани Трамп да го посети градот поради несоодветните споредби со нападите врз Иран

Градоначалникот на Хирошима Казуми Мацуи денеска го повика американскиот претседател Доналд Трамп да го посети градот за да ги види од прва рака разорните последици од нуклеарното оружје, откако Трамп направи несоодветна споредба меѓу атомските бомбардирања од 1945 година и неодамнешните воздушни напади врз Иран.



- Ми се чини дека тој навистина не разбира што значи атомско бомбардирање, кое одзема животи на многу невини граѓани и го загрозува опстанокот на човештвото, изјави Мацуи за новинарите. - Би сакал претседателот Трамп да ја посети Хирошима за да сфати што е нуклеарно бомбардирање и да го почувствува духот на Хирошима, додаде тој.

САД фрлија атомска бомба на Хирошима на 6 август 1945 година, а три дена подоцна и на Нагасаки, единствените случаи на употреба на нуклеарно оружје во војна. По нападите, Јапонија се предаде, со што заврши Втората светска војна. Околу 140.000 луѓе загинаа во Хирошима и 74.000 во Нагасаки, а многумина подоцна имаа здравствени проблеми поради изложеност на радијација.

По неколкудневните израелски напади врз Иран, САД на 22 јуни бомбардираа три ирански нуклеарни постројки. Набргу потоа беше воспоставен прекин на огнот меѓу Иран и Израел, со што заврши 12-дневната војна. - Не сакам да ги користам Хирошима и Нагасаки како пример, но во суштина тоа беше исто, изјави Трамп на 25 јуни на самитот на НАТО во Хаг, додавајќи дека нападите „ја завршија војната“.

Неговата изјава предизвика незадоволство кај преживеаните и протести во Хирошима. Минатата недела, градското собрание усвои предлог со кој се осудуваат коментарите што ја оправдуваат употребата на атомска бомба.

Извор:  МИА
Објавена на 02.07.2025 17:24:05