Македонската престолнина од 9 до 15 јуни ќе биде домаќин на Европското кадетско првенство во борење (У17). Борбите ќе се одржуваат во СЦ „Борис Трајковски“.
Министерот за спорт Борко Ристовски денес организираше прием за младите македонски борачи на кои им порача дека ја имаат неговата целосна поддршка.
Борењето е еден од нашите најуспешни спортови. Да ја израдувате Македонија и да знаете дека ние како министерство и како држава секогаш ќе стоиме зад вас. Секогаш ќе бидеме тука да помогнеме за се што треба во насока на развој на македонскиот спорт. Се надевам дека по завршувањето на шампионатот неколкумина борачи ќе бидат опфатени со програмата преку која финансираме успешни спортисти, изјави Ристовски.
Претседателот на Боречката федерација на Македонија, Дејан Богданов, се заблагодари за поддршката што ја добиваат од Министерството за спорт и вети максимално залагање на македонските борачи на претстојното големо натпреварување.
-Подготовките за ова првенство поминаа добро. Имаме репрезентација значително помлада од дозволената возраст. Се надеваме на две-три медали. Прв пат во историјата на ЕП имаме комплетна женска репрезентација. Целта ни е овие натпреварувачи да бидат заедно еден четиригодишен циклус и од нив да произлезат идни македонски олимпијци, истакна Богданов.
На првенството ќе настапат околу 600 натпреварувачи од 40 земји. Македонија ќе ја претставуваат девет натпреварувачи во машка и девет натпреварувачки во женска конкуренција.