Средношколките од Кавадарци од денеска имаат пристап до бесплатни менструални влошки во училиштата

Средношколките од Кавадарци од денеска имаат пристап до бесплатни менструални влошки во училиштата, менструалната правда започнува во Кавадарци, ова е историски ден, информираа денеска од Комисијата за еднакви можности при оваа Општина, на светскиот ден на менструалното здравје.



- Горди сме да објавиме дека иницијативата на Комисијата за еднакви можности на Општина Кавадарци стана реалност. Поставени се четири диспанзери за менструални влошки во СОУ „Добри Даскалов“ , ЗШУЦ „Ѓорче Петров“ ,СОУ „Ќиро Спанџов-Брко“. Кавадарци е градот каде што секоја девојка е важна. Во Општина Кавадарци веруваме дека менструалното здравје е право, а не привилегија, истакна Марија Камчева, координатор за еднакви можности во Општината.

Таа изрази благодарност до Винарија Тиквеш за донацијата на финансиските средства во рамки на Фестивалот на младо вино.

- Овој важен чекор не би бил возможен без поддршката од Бела фарм аптеки, здружение за менструална правда и UN women Скопје. Ова е само почеток, подвлече Камчева.

Таа истакна дека бесплатните менструални влошки се инвестиција во здравје, еднаквост, репродуктивно здравје и иднина

- Диспанзерите со менструални влошки, значително ќе им го олеснат животот на ученичките, овозможувајќи им лесен пристап до менструални производи и ќе им го намалат стресот и неудобноста поврзани со менструацијата. Позитивно ќе влијаат врз образовниот процес и ќе го олеснат финансискиот товар на девојчињата, нагласи Камчева.

Извор:  МИА
Објавена на 28.05.2025 11:36:39