ЕУ ќе ги заменува хартиените формулари за ослободување од ДДВ со електронски
Советот за економски и финансиски работи на ЕУ денеска усвои нови правила кои имаат за цел целосна замена на сегашните хартиени сертификати за ослободувања од данокот на додадена вредност (ДДВ) со нов електронски формулар.

- Денеска правиме уште еден чекор кон поедноставување и дигитализирање на нашите системи за ДДВ. Сертификатот во својата нова форма значително ќе ја намали бирократијата, изјави полски министер за финансии Анджеј Домањски, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Замената на хартиените сертификати со електронски формулар треба да ја поедностави и рационализира процедурата за компаниите и администрациите.
Новите мерки ќе стапат во сила на 1 јули 2031 година, со дополнителен преоден период од една година во кој ќе можат да користат и електронски и хартиени формулари.
Извор: МИА
Објавена на 18.02.2025 14:17:09