Борисов: Се одвиваа многу процеси за Северна Македонија без учество на Бугарија

Поранешниот бугарски премиер и лидер партијата ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека вчера разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за состојбата на државата на меѓународен план, но и за случувањата во врска со соседна Република Северна Македонија, пренесе БТА.

- Од разговорот (со Кошта) разбрав дека во текот на овие години имаше многу процеси за Северна Македонија во Брисел, во нашите партнерски земји во НАТО, без учество на Бугарија, и се изгуби многу време. Едноставно бев изненаден од објаснувањата што требаше да ги дадам. Мораме да формираме влада и да застанеме многу цврсто на својот став, изјави Борисов пред новинарите во бугарскиот парламентот.

Тој додаде дека денеска ќе оди во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан и оти Бугарија треба да повтоно да си ја зајакне позицијата во регионот.

-Влијанието на Србија, Грција и Турција е огромно. Унгарија сè помоќно е вклучена во овој процес, а ние како лидери на Балканот сега само ги набљудуваме процесите и не не чека ништо добро. Бугарија може и треба да се врати и да застане таму каде што беше пред четири години, рече Борисов.

Во врска со најавената посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Бугарија, Борисов истакна дека му е мило што Орбан доаѓа во Софија и ќе може да се види со него.

За преговорите за формирање политичка влада во Бугарија, лидерот на ГЕРБ кажа дека засега одат добро и „колку потивко се одвиваат, толку подобро“.

- Јас сум оптимист бидејќи она што го гледам на меѓународен план не обврзува како држава и како народ да формираме редовна влада, рече Борисов.

Посочи дека треба да се поминат сите теми и потоа да се излезе пред медиумите. Според него, има желба за формирање влада и кај останатите пратенички групи. Нови парламентрани избори сакаат само „Продолжуваме со промените“ и „ДПС - Нов почеток“. Лидерот на ГЕРБ информираше дека „Има таков народ“ ќе се вклучи во разговорите кога ќе има некаква рамка. На прашањето дали ќе се потпише коалициски договор, Борисов одговори дека ќе каже се што треба кога ќе има резултат.

Извор:  МИА
Објавена на 18.12.2024 12:59:57