Маестралните „Голдберг варијации“ во изведба на пијанистот Дино Имери

Едно од најпознатите дела на музичкиот гениј Јохан Себастијан Бах, неговите „Голдберг варијации“, ќе прозвучат на 4 декември (среда) во Културно-информативниот центар (Салон 19,19) во 20 часот, во изведба на нашиот истакнат пијанист Дино Имери.

 Концертот наречен „Кодот на Бах“ е поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија, а покрај овој централен настан, маестро Имери во соработка со Германската амбасада во Скопје реализира таканаречена „Недела на Бах“ со стручни предавања и работилници за деца.

Влезот за концертот е слободен.

Инаку, „Голдберг варијациите“ се споменик во целокупната западна класична музика. Икона што секој треба да ја чува во срцата и во умот, не само затоа што во нив е сокриена една прекрасна идеја на Јохан Себастијан Бах (1685-1750) за тоа како треба да звучи музиката, туку и денес се репер за нешто возвишено, нешто што ретко кој го можел и може да го достигне. Ова дело го опишуваат како Рубикова коцка – инвенција и архитектура во совршено единство. Во поново време, варијациите повторно станаа актуелни по фасцинантната изведба на маестралниот канадски пијанист Глен Гулд.

„Голдберг варијациите“ се составени од 30 варијации и една орнаментирана Арија, чија бас-делница и хармонска прогресија е придвижувач на варијациите. Снимката на „Голдберг варијациите“ од 1955 година во изведба на Глен Гулд, го променила начинот на размислување за тоа како се доживувало ова дело. Јохан Себастијан Бах создал магија од музика. Целото негово творештво е неповторливо и уникатно, но „Голдберг варијациите“ се центарот на неговиот свет. Тие се сон за секој пијанист. Со право се смета за едно од најгенијалните и најкомплексните дела на Бах, во кое се покажува неговиот талент за хармонија, контрапункт и виртуозност.

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката на неговите концерти. Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ - Скопје, Оркестарот на Националната опера и балет... Добитник е на бројни награди и признанија: „Виртуози“ за млад музички уметник, „Св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, „Златна Бубамара на популарноста“, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според „3eme Concours européen de piano“ – Normandie и др. Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи, бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика. Со своето образование се стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести и просек 10,00 на ФМУ-Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Од 2018 година, Имери предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 02.12.2024 11:55:03