Омнибус

„Замисли нов свет“, нова претстава на МНТ која ги оживува делата на големиот Горан Стефановски

Во денешниот свет полн со површни пораки и брзи промени театарот останува едно од ретките места коишто ја доловуваат суштината на човечкото искуство и ги третираат важните прашања со коишто се соочуваме. Оваа есен, репертоарот на МНТ се збогатува со едно ново драмско остварување - претставата „Замисли нов свет“, коешто отвора многу важни прашања за сите нас како општество, но и како човечки суштества. Проектот ги спојува делата на нашиот голем драмски автор Горан Стефановски со модерниот осврт на режисерката Нела Витошевиќ и носи моќна порака за вистинските вредности кои денес како да сме ги подзаборавиле.



Со премиера закажана за 17 декември, „Замисли нов свет“ е уметнички спој од внимателно избрани теми и дела коишто поттикнуваат размислување за емпатијата и за тоа што значи да се биде дел од една заедница, особено во време кога општеството е сѐ повеќе индивидуализирано. Драматизацијата е на Ана Ристоска-Трпеноска, а претставата ги оживува зборовите на Стефановски кои зборуваат за вечните вредности како што се човечноста, разбирањето и поврзаноста, квалитети што често се губат во денешното секојдневие.

„Театарот е место каде што сѐ уште можеме да видиме и почувствуваме што значи да се биде дел од општеството. Со оваа претстава ја пренесуваме важноста на поврзувањето и емпатијата, вредности коишто Горан ги истражува во своите дела,“ вели Витошевиќ за овој проект. Претставата ја нагласува социјалната и емоционалната длабочина на темите што Стефановски ги претставил на едноставен, но моќен начин – прашања што остануваат релевантни и денес.



Театарскиот проект „Замисли нов свет“ е инициран од Телеком, во рамки на иницијативата #НаправиМесто со која се адресираат предизвиците со коишто се соочуваме како општество и се повикува на нивно надминување. Со иницирање на овој театарски проект, компанијата ги заокружува активностите за оваа година со пораката „Да направиме место, за вистински да се поврземе”.

Како резултат на партнерството со МНТ, оваа претстава ќе остане на репертоарот како вредна инвестиција, која што го пренесува творештвото на Стефановски и неговите пораки за меѓусебно разбирање до идните поколенија.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 15.11.2024 14:58:53