Грчката полиција критикувана од англиски навивачи поради употреба на солзавец

Асоцијацијата на фудбалски навивачи на Англија и Велс (FSA) денеска ги повика навивачите да ги споделат своите искуства од вчерашниот натпревар од Лигата на нации против Грција во Атина, по тврдењата дека локалната полиција употребила солзавец и штитови за одржување на редот.

Англија триумфираше на гостувањето во Атина со 3-0, а според извештаите пред Олимпискиот стадион дошло до физичка пресметка меѓу навивачите и полицијата.

„За жал, уште еднаш мораме да ги повикаме англиските навивачи да ни ги испратат своите сведоштва во врска со ситуацијата што се случи пред стадионот во Атина. И покрај тоа што однапред ни беше кажано како ќе функционираат работите, фрустрирачки е да видиме дека во некои ситуации се случува токму спротивното и како локалната полиција употребува против нашите навивачи солзавец и штитови за да направи нешто толку едноставно како што е одржување на редот“, се вели во соопштението кое го пренесе Би-Би-Си.

Околу 3.500 англиски навивачи отпатуваа во грчката престолнина на натпреварот кој се одигра пред полни трибини на Олимпискиот стадион во Атина.

Фудбалската асоцијација на Англија по натпреварот соопшти дека е информирана за ситуацијата и собира повеќе информации за тоа што се случило.

Извор:  МИА
Објавена на 15.11.2024 11:15:12