Мицкоски: Очекувам добар резултат од преговорите со банките за унгарскиот кредит

Премиерот Христијан Мицкоски очекува добар резултат од за в недела закажаните преговори со банките во Министерството за финансии за субвенционирање на каматата при пласирањето на парите од унгарската кредитна линија наменета за компаниите.



-Дел од тие средства ќе отидат преку Македонската банка за поддршка на развојот и нормално дека таа банка нема да наплати. Но, таа банка нема толкава голема адекватност на капитал, има лимитирани можности, може до кај 25, 30, 35 милиони евра да пласира кредити, другите мораме да одиме преку комерцијалните банки. Да почекаме во недела да видиме каков ќе биде состанокот и очекувам добар резултат, барем тоа што го добивам како информации неофицијални што стигаат до мене. Оставете да преговараме да видиме што ќе се случи до недела, рече Мицкоски во одговор на прашање по завршувањето на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција – МАТТО.

Како што нагласи, досега според информациите што ги има Министерството за финансии, во овие повеќе од три децении, државата субвенционирала веќе околу 650 милиони евра камати коишто биле на товар на буџетот.

Извор:  МИА
Објавена на 14.11.2024 14:40:54