Преработената храна и пијалаци го забрзуваат стареењето

Високопреработената храна, како што се грицки, зашеќерени напитоци, индустриски леб, овошен јогурт, житарки и алтернативи за месо - сѐ тоа е поврзано со забрзаното биолошко стареење. Тоа, поради високата содржина на калории, шеќер, масти и сол во намирниците, посочува ново истражување на Медитеранскиот невролошки институт „Неуромед“ во Поцили, Италија.



- Покрај тоа што е нутритивно несоодветна, таа е богата со шеќер, сол и заситени или транс-масти, и е подложена на интензивна индустриска обработка, што, всушност, ја менува структурата на храната, а тоа доведува до губење хранливи материи и влакна. Сѐ ова може да има сериозни последици врз бројни физиолошки функции, вклучително и метаболизмот на шеќерот и составот и функционалноста на цревниот микробиом, објасни нутриционистичкиот епидемиолог и авторка на трудот, д-р Маријалаура Боначио.

Староста на човековите клетки и ткива е под влијание и на генетиката, навиките за животен стил, исхраната и физичката активност. Така, средновечните и постарите италијански учесници во испитувањата, кои добивале повеќе од 14 отсто од дневните калории од високопреработена храна, изгледале постари отколку што всушност биле, пренесува „Њујорк пост“ (New York Post).

И друго неодамнешно истражување на Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско покажа дека додадениот шеќер го забрзува биолошкото стареење, дури и ако е дел од здрава исхрана. Високото ниво шеќер во крвта може да ги оштети клетките и да предизвика хронично воспаление, коешто е поврзано со дебелина, срцеви заболувања, дијабетес, заболувања на црниот дроб и разни видови рак.

Така, истражувањата сè повеќе сугерираат дека избегнувањето високопреработена храна и додаден шеќер може да биде клучно за побавно стареење и одржување на целокупното здравје.

Извор:  МИА
Објавена на 11.11.2024 11:44:21