Триесет и деветгодишен битолчанец извршил семејно насилство врз поранешната партнерка. Како што денеска соопшти Јавното обвинителство, ја држел затворена во викендичка во Нижополе и еден час ја тепал.
- На 21 октомври, при вршење на семејно насилство и на свиреп начин, осомничениот противправно ја затворил и ја држел затворена, а потоа и телесно ја повредил неговата поранешна партнерка. Оштетената, пред нејзината куќа, влегла во неговото возило. Тој започнал да вози и најпрво со тупаница ја удрил во пределот на главата. Потоа ја однел во неговата викендица во Нижеполе, каде насилно ја турнал, ја заклучил и додека ја држел затворена, еден час ја удирал со шлаканици, тупаници и клоци по главата и телото. Оштетената не можела повеќе да го издржи ваквото негово насилничко однесување, па посегнала по нож од кујната со кој си ги исекла вените на левата рака. Но, осомничениот продолжил свирепо да ја удира, нанесувајќи и повеќе телесни повреди, наведува Јавното обвинителство во денешното соопштение.
Се трага по осомничениот, а до судија на претходна постапка е доставен предлог за определување на мерка притвор која ќе започне да се спроведува од денот на неговото пронаоѓање.
Битолчанецот е осомничен за две кривични дела - противправно лишување од слобода од член 140 став 5 во врска со став 2 и со став 1 и – телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.