Продолжува падот на претплатници во мобилната телефонија

Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија заклучно со првиот квартал годинава изнесува 1.928.611, од кои 984.939 резиденцијални постпејд претплатници, 249.194 деловни постпејд и 694.478 припејд.



Споредбата од податоците на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за состојбата на пазарот на електронски комуикации покажува дека продолжува падот на бројот на претплатници во мобилната телефонија откако во четвртиот квартал минататата година беа регистрирани 1.950.114, а во третиот квартал минатата година 2.074.021.

Во вкупниот број претплатици А1 Македонија има удел од 47,90 проценти, Македонски Телеком 46,76 проценти, Лајкамобајл 2,91 процент, Телекабел 1,27 проценти, МТЕЛ 1,05 проценти, Грин Мобиле 0,10 проценти.

Бројот на претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во првиот квартал годинава изнесува 1.554.528, со учество на А1 Македонија од 54,49 проценти, на Македонски Телеком, 43,61 процент, Телекабел, 0,96 проценти, Лајкамобајл, 0,68 проценти, Грин Мобиле, 0,12 проценти.

Унгарската 4iG Group на 18 месецов објави дека започна со подготовки за влез на пазарот во Северна Македонија, со основање на подружница „ONE Macedonia Telecommunications“. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија, соопшти компанијата, која на 2 септември годинава потпиша Меморадум за разбирање со македонската Влада.

Според податоците на АЕК, вкупниот број на фиксни линии (сите технологии) во првиот квартал годинава изнесува 448 450, а остварен е обем на телефонски сообраќај од 18.570.288 минути. Македонски телеком има удел од 50,98 проценти, А1 Македонија 43,25 проценти, Телекабел 3,60 проценти, Неотел 1,71 процент.

Извор:  МИА
Објавена на 24.10.2024 12:14:28