Сидни Свини непрепознатлива како боксерката Кристи Мартин

Во светските медиуми се појавија слики од Сидни Свини која деновиве го снима сѐ уште ненасловениот биографски филм за познатата американска боксерка Кристи Мартин.



Актерката на новите фотографии носи кафена кадрава перика, сина марама и широка облека за да го долови и прикаже животот на Мартин во 90-тите пред нејзиниот сопруг Џејмс да се обиде да ја убие.

Се работи за првата жена што потпишала договор со легендарниот боксерски промотер Дон Кинг. Била и првата боксерка која се појавила на насловната страница на магазинот „Спортс илустрејтед“ (Sports Illustrated), а американската јавност ја наречена „женскиот Роки“. Судбоносниот миг во животот, сепак, ѝ се случил во 1989 година, кога го запознала својот менаџер, а подоцна и нејзин сопруг - Џејмс Мартин.



- Од 12 до 19 години тренирав борење и кик-бокс. Многу сакав да се вратам во рингот, и да го извежбам моето тело. Приказната на Кристи не е лесна - беше физички и емотивно напорна, полна е со тешки пречки. Но, сакам предизвици!, изјави Свини.

Шармот на ѕвезда и успехот во рингот ја претвориле Мартин во хит во боксот, но малку кој знаеше со какви проблеми и семејно насилство се соочува во приватниот живот. Имено, во 2010 година нејзиниот сопруг се обидел да ја убие.

Извор:  МИА
Објавена на 16.10.2024 13:36:46