Во бомбици послужени во „Ѓорѓија Пулевски“ најдени стафилококус ауреус и ентеротоксин

Од мострите храна земени од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, од испитуваниот примерок - бомбици, најдено е стафилококус ауреус и ентеротоксин, информираше попладнево директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.



- На 27 септември, ИЈЗ доби телефонска дојава од страна на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), за постоење сомнеж за труење во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром. Екипи од ИЈЗ, составени од тим од епидемиолог од Одделот за епидемиологија, лаборант од Одделот за микробиологија, веднаш излегоа на терен и беа земени мостри, четири брисови од работни површини и садови, како и мостри од оброците подготвени и послужени во кујната. Исто така, беа земени примероци од четири вработени во кујната од раце, нос и грло. ИЈЗ работеше и сабота и недела за да можеме да бидеме брзи и да дадеме релевантни резултати, нагласи Андоновска.

По добиените резултати, таа била информирана од страна на микробиолозите, дека од мострите храна, од испитуваниот примерок - бомбици, најдено е стафилококус ауреус и ентеротоксин позитивен, од сите брисови што се земени од површините и од садовите, само на еден сад било најдено зголемен број аеробни меозфилни бактерии што, нагласи Андоновска, укажуваат на нехигиенски услови.

- Брисевите од раце на сите вработени ги задоволуваат хигиенските стандарди. Брисевите од грло и нос на вработените се негативни. По добиените резултати, ИЈЗ ги препрати веднаш овие резултати, согласно законските позитивни процедури, до Министерството за здравство (МЗ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), подвлече Андоновска.

Во петокот, директорот на училиштето, Александар Филипчев, во изјава за медиуми, рече дека од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 се со исти или слични симптоми.

- Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број отсутни ученици со исти симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат долго време без топол оброк. Од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 ученици се со исти, слични симптоми, изјави Филипчев.

Подвлече дека случајот е пријавен до сите надлежни институции и дека е извршен вонреден инспекциски надзор.

- Ќе постапиме согласно законската регулатива, одговори тој.

Од АХВ за МИА тогаш информираа дека наредено е затворање на кујната, од која инаку не се носеле оброци за други училишни кујни, сѐ до добивање на резултатите од лабораториските тестирања со што ќе се потврди безбедноста.

- Изречени се мерки за темелно чистење на кујната, дезинсекција, дезинфекција и дератизација, спроведување на вонредни здравствени прегледи на вработените лица во кујната, ни беше кажано оттаму.

Појаснија дека по добиеното известување за сомнеж за труење со храна на осум деца во „Ѓорѓија Пулевски“, инспекциски служби на Агенцијата, во соработка со тимови од ЦЈЗ, ДСЗИ и ИЈЗ, спровеле вонреден инспекциски надзор во кујната во училиштето.

- Земени се четири контролни оброци од храната која на учениците им била послужена минатиот ден, мостри од храна - салата од краставица, супа, мусака со мелено месо и компири и бомбици што ќе бидат лабораториски испитани. Исто така за лабораториско тестирање земени се и пет бриса од работни површини и од опрема, како и испироци од раце од вработените лица во кујната, појаснија од АХВ за МИА.

Директорот на Детската клиника во Скопје, Реџеп Мемеди во изјава за МИА потврди дека деветгодишно дете од ова училиште побарало помош во оваа установа.

Тој тогаш појасни дека детето било лесно дехидрирано и дека ќе се третира амбулантски.

Извор:  МИА
Објавена на 01.10.2024 14:12:48