Најмалку три лица загинаа откако потона чамец со мигранти во морскиот дел северозападно од грчкиот остров Самос, а во тек е акција на крајбрежната служба на Грција за пронаоѓање и спасување на останатите, најверојатно над 20 лица што биле во чамецот, јави дописничката на МИА од Атина.
Од крајбрежната служба на Грција информираа дека биле спасени пет странски државјани и биле извлечени безживотните тела на три лица.
Според локалните медиуми, во чамецот имало околу 30-33 лица, со што на над 20 им се губи трагата и продолжува акцијата за нивно пронаоѓање.
Во спасувачката акција учествуваат бродови на крајбрежната служба и чамец на волонтерска спасувачка група, како и хеликоптер на воената морнарица, додека, пак, на копно патролира едно возило.
Силниот ветер со јачина од пет до шест Бофори дополнително ја отежнува целата акција.