Јос Верстапен: Во Ред Бул треба да се погледнат во огледало

Јос Верстапен, татко на трикратниот светски шампион Макс Верстапен, ги критикуваше одговорните во Ред Бул.

Неговиот син, 26-годишниот Макс го освои второто место вчера во Зандворт на 15-тата трка од Формула 1 шампионатот. Неговата разлика до победникот на трката Ландо Норис од Мекларен беше 22.896 секунди.

- Веројатно не треба да го кажам ова, но сепак ќе го кажам. За тоа говори и фактот дека треба да се вратат на верзијата на болидот од почетокот на сезоната. Во моментов тие (Ред Бул) немаат апсолутно никакво темпо. Треба добро да се погледнат во огледало. Макс едноставно немаше никакви шанси против Мекларен. Ако работите продолжат вака, остатокот од годината ќе биде многу тежок, изјави Јос Фертсапен за „RacingNews365“.

Верстапен продолжува да води во поредокот кај возачите со 295 бодови. Норис и понатаму е на второто место (225). На третото место е Шарл Леклер од Ферари (192).

Извор:  МИА
Објавена на 26.08.2024 10:31:45