Сити го објави враќањето на Илкај Гундоган

Илкај Гундоган се врати во Манчестер Сити. Играчот од средниот ред потпиша едногодишен договор со „граѓаните“ со опција за продолжување на уште една година.



Германецот помина седум многу успешни сезони на „Етихад“ пред да се пресели во Ла Лига во јуни 2023 година, само 16 дена откако беше капитен на тимот на Сити, кој дојде до историската тројна круна победувајќи го Интер во финалето на Лигата на шампионите во Истанбул.

За време на неговиот прв претстој во клубот, Германецот освои пет титули во Премиер лигата, два ФА Купа, четири Лига Купа, два Комјунити Шилд и една Лига на шампиони, забележувајќи 304 настапи и постигнувајќи 60 гола.

И по цела сезона во Барселона во која играше 51 пат во сите натпреварувања и му помогна на каталонскиот гигант да заврши на второто место во Ла Лига, 33-годишниот фудбалер се врати во Сити.

-Моите седум години во Манчестер Сити беа време на чисто задоволство за мене, и на теренот и надвор од него. Пораснав како личност и играч, развив посебен однос со навивачите на Сити и уживав во неверојатен успех. Тоа беше извонреден период од мојот живот. Да имам можност да се вратам овде значи многу, призна Гундоган.

Извор:  МИА
Објавена на 23.08.2024 13:59:37