Хамилтон: Време е Формула 1 да се врати во Африка

Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон работи со претставници од Руанда и Јужноафриканската Република за потенцијална организација на Формула 1 трки во Африка. Британецот е категоричен дека е вистинско време за враќање на најпрестижниот мотоспорт на континентот и можноста не може да се игнорира.



Хамилтон беше во Африка за време на летната пауза во Формула 1 и ги откри своите планови на прес-конференција пред почетокот на трката за Големата награда на Холандија.

-Ова е вистинското време, 100 отсто. Тие не можат да продолжат да додаваат трки овде и таму и да ја игнорираат Африка. Сите земаат од Африка и никој ништо не враќа. Трките на овој континент ќе им покажат на луѓето колку е прекрасна и ќе му помогне многу на туризмот. Зошто да не сме на овој континент?, праша Хамилтон.

Според него, постои барем една патека која е целосно подготвена.

-Треба да одиме на патеката што е можно побрзо и да ја направиме дел од календарот на Формула 1. Потоа можеме да продолжиме да се шириме на континентот, додаде еден од најдобрите пилоти во историјата на спортот.

Формула 1 ја напушти Африка во 1993 година, кога последен пат се одржа трката за ГН на Јужна Африка во Кјалами. Извршниот директор Стефано Доменикали пред еден месец објави дека Руанда е водечки кандидат за патеката, но допрва треба да се изгради писта. Разговорите ќе продолжат во септември.

-Руанда е едно од моите омилени места за посета. Бев таму и работев со локалните организатори. Разговарав со многу луѓе и таму и во Јужноафриканската Република. Руанда е долгорочен проект и Мило ми е што сакаат да бидат дел од календарот на Формула 1, додаде тој.

Британецот откри дека во текот на летото ги посетил и Мароко, Сенегал, Бенин, Мозамбик и Мадагаскар.

-Сè уште се помирувам со она што се случи на тоа патување. Бев во бегалски камп и видов колку работат луѓето и колку е тешко за оние кои насилно ги напуштиле своите земји. Една работа е да се прочита за нив , друго е да ги гледам во живо. Сретнав деца кои пешачат 10 километри до училиште, а потоа се враќаат 10 километри без да јадат, изјави Британецот.

Извор:  МИА
Објавена на 23.08.2024 13:03:05