Грејс Џонс е жена која инспирира, бестрашнo ја заведува публиката и знае како да направи шоу, дури и кога безгрижно ужива во чаша вино на сцената.
Нејзиниот саботен настап на „Skopje Calling“ несомнено беше концерт за паметење.
Провокативна и своја, Џонс нè почести со енергичен микс од познатите хитови како „Slave To The Rhythm“, „Pull Up To The Bumper“ и „Private Life“.
Секоја песна ја долови со различен стајлинг, неодолива харизма и стил.
За оние кои не знаат, Грејс Џонс има 76 години, но и покрај возраста е совршен пример за тоа дека годините се само број.
Легендарната пејачка лежерно вртеше хулахоп за време на изведбата на „Slave to the Rhythm”, а во еден момент спонтано изрази желба обезбедувањето да ја спушти во публиката за да може да се поздрави со присутните.
Грејс Џонс ја започна својата кариера во 70-тите и се прослави со нејзиниот бестрашен пристап кон уметноста, поместувајќи ги границите во музиката, модата и изведбата. Таа продолжува да влијае на генерации уметници и останува траен симбол на креативноста и индивидуалноста.