4 oсобини на емоционално интелигентните луѓе

Емоционалната интелигенција често се наведува како една клучна вештина за професионален успех, но се чини, исто толку е важна и во љубовта и односот кон партнерот воопшто.



Кенди Виенс е авторка на книгата „Имунитет против исцрпеност: Како емоционалната интелигенција може да Ви помогне да изградите отпорност и да ја залечите Вашата врска со работата“ (Burnout Immunity: How Emotional Intelligence Can Help You Build Resilience and Heal Your Relationship with Work). Таа посочува четири знаци за тоа дека една личност е емоционално интелигентна. Следи појаснување за секој од нив.

1.„Здрави“ конфликти и судири

Надминувањето непријатни случки и конфликти со емоционално интелигентна личност, значи дека Вие и партнерот / партнерката не ги избегнувате кавгите и проблемите. Караниците коишто се остават нерешени, на крајот се претвораат во гнев и „експлозија“ од лоши зборови што неретко причинуваат и непоправлива штета.

Партнерот кој се впушта во „здрав судир“ не е несклон кон конфликти и не е пасивно-агресивен. Тој / таа не доминира во разговорот, не го напаѓа другиот и не користи навредлив јазик или однесување. Тие луѓе може да се налутат, па дури и да се развикаат, но брзо се смируваат и ја преземаат одговорноста за улогата што ја имале во кавгата. Способни се и да се извинат кога тоа е потребно.

2.Управување со емоциите на здрав и продуктивен начин

Способноста да се насочат сопствените емоции не значи - да се потиснуваат или негираат своите чувства. Напротив, ова значи способност да се толерираат негативните емоции и стресните искуства без да се реагира импулсивно. Умешното смирување по вознемирувачко искуство - е клучна компонента на емоционалната интелигенција и во здравите врски.

3.Дозволи ѝ / му да биде она што навистина е!

Емоционално интелигентните партнери не гледаат „закана“ во меѓусебните разлики и не бараат ексклузивно внимание. Тие не очекуваат од другиот да биде совршен /-а, или да се менува за да му угоди на другиот во врската или да се приспособи на неа / него, на неговите или нејзините афинитети, претпочитања и интереси, па дури и на она што не ѝ / му се допаѓа. Тие ги почитуваат Вашите интереси, граници и желбата да ги правите работите сами, на пр. - да се гледате со своите пријатели, да негувате свое хоби или едноставно да уживате во своето време сами.

4.Емпатија

Можеби една од клучните одлики на емоционалната интелигенција е емпатијата, којашто е од суштинско значење за градење доверба и однос со партнерот, дури и кога двајцата не се согласуваат. Може да се изрази во различни случаи, а тоа како особина добро се препознава, на пр. ако партнерот поставува прашања и покажува интерес за другиот во врската.

Извор:  МИА
Објавена на 18.06.2024 14:36:56