Синедејс Загревање – Европско патувачко кино под отворено небо

Почнувајќи од утре, (петок, 14 јуни) Европското патувачко кино под отворено небо по четврт пат годинава прикажува наградувани и возбудливи европски филмови за публиката ширум земјата, овој пат со проекции на отворено во Тетово, Крушево и Гевгелија.



Европското патувачко кино под отворено небо како загревање за Синедејс, секоја година патува во три различни градови ширум земјата и прикажува нови европски филмови, признаени од европската критика и сакани од европската публика.

Годинава, фестивалот почнува во Тетово на 14 и 15 јуни на платото пред Europe House Тетово (Дом на културата), а потоа патува во Крушево на 21 и 22 јуни пред споменикот „Македониум“ и во Гевгелија на 28 и 29 јуни на платото пред Домот на културата.

И оваа година Европското патувачко кино носи нови европски долгометражни филмови – повеќето од нив добитници на престижни филмски награди ширум светот, кои се израз на европската креативност и разноликост и нудат по нешто за сечиј вкус, како и македонски кратки филмови, исто така прикажувани и наградувани на различни филмски фестивали.

Новина оваа година е тоа што Европското патувачко кино под отворено небо во сите три градови ќе го прикаже музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јонсен, кој премиерно беше прикажан на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX” во Копенхаген, Данска, воодушевувајќи ја публиката и критиката, а кој претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност, по што ќе следуваат концерти на неколку домашни бендови.

Во Тетово, во петок, 14 јуни, прво ќе биде прикажан краткиот македонски филм ,,Сценариото” во режија на Александра Кардалевска, по што ќе следи проекцијата на ,,Ефтеркланд: Македониум бенд” и концерт на бендот STONED HEDGE од Тетово. Во сабота, на 15 јуни, вечерта ќе започне со филмот „Стариот даб“ во режија на Кен Лоуч, по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар и Артан Садику, активист и теоретичар, по што ќе биде прикажан краткометражниот филм „Еден тон сладолед” во режија на Сандра Ѓорѓиевска.

Програмата во Крушево започнува на 21 јуни на плато пред споменикот „Македониум“ со проекција на краткиот филм „Дали си маж?“, во режија Ѓорче Ставревски по што ќе следи проекција на ,,Ефтеркланд: Македониум бенд”. Вечерта ќе заврши со концерт на бендот THE LOCAL BLUE од Скопје. Во сабота, на 22 јуни ќе биде прикажан филмот ,,Злосторството е мое” на Франсоа Озон по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар и Ана Алексовска, продуцентка и режисерка, а потоа на репертоарот е краткиот филм: ТИК-ТАК во режија Јане Алтипармаков.

Европското патувачко кино во Гевгелија ќе започне во петок, 28 јуни, со проекција на краткиот филм „Кутии“ во режија на Ангела Димеска по што ќе следи филмот ,,Ефтеркланд: Македониум бенд” и концерт на бендот ДАКТИЛИ од Струмица. Во сабота, 29 јуни, ќе биде прикажан филмот „Паднати Лисја“ во режија на Аки Каурисмаки, по што ќе следи разговор со филмските критичари Златко Ѓелески и Влатко Галевски, по што ќе следи проекција на филмот „Имиња“ во режија на Јане Спасиќ.

Проекциите започнуваат во 20.30 часот, а влезот е бесплатен.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 13.06.2024 13:47:53