Одговорно родителство за детето да не израсне во нарцис

Родителството, во смисла на воспитувањето емоционално стабилни деца, може да биде напорно, се согласуваат стручњаците. Родителите честопати се под стрес поради своите грешки, но тоа е нормално, доколку возрасниот е свесен за нив, и тоа може значително да влијае на развојот на децата.



Веројатно ниеден родител не сака неговото дете да израсне во нарцис. Во интернет-емисијата „Отворени односи“, психологот д-р Стен Таткин од САД открива два главни начини на коишто родителите ненамерно ги претвораат своите деца во нарциси.

Непокажување последици

Можеби една од најважните лекции што родителите треба да ги научат е како да им се спротивстават на своите деца и да научат кога да се каже - не. Уште повеќе, кога родителот нема да им ги покаже на децата последиците од лошите постапки, тоа може да има уште понегативно влијание во развојот на личноста и односите натаму.

- Што се случува кога сте неконзистентни и не знаете како да возвратите? Што се однесува до мене, јас ја губам почитта кон тебе. Слично на тоа, Вашите деца почнуваат да Ве гледаат како слаби и неспособни. Така ќе почнат помалку да Ве почитуваат бидејќи знаат дека можат да ги контролираат и манипулираат Вашите постапки. Затоа, последиците се многу важни, а родителите кои не се доследни во поставувањето граници и посочувањето на последиците може и веројатно е „да одгледаат“ нарцис, вели психологот.

Значи, родителот мора да му ги покаже последиците од лошите постапки на своето дете.

- Мора на децата да им ги покажете последиците на начин соодветен на возраста. Покажете им ги природните последици од нивните постапки и побарајте да бидат одговорни за кршењето правила или непридржувањето кон нив. Покрај тоа, тие треба да си создадат емпатија, но со ограничувања, појаснува Таткин.

Премногу строго родителство

И тоа - да се ​​биде премногу строг, ладен и авторитарен родител придонесува за развој на дете - нарцис. Психологот објаснува дека ако родителот не обрнува внимание на чувствата на детето, веројатно и тоа ќе го покаже истото однесување кон другите луѓе во својот живот. Затоа, советот тука гласи: Родителство со рамнотежа меѓу љубовта и строгоста.

Според Американската психолошка асоцијација: „Во авторитативното родителство, возрасните негуваат, реагираат и даваат поддршка, но поставуваат цврсти граници за своите деца. Тие се обидуваат да го контролираат однесувањето на детето со објаснување на правилата и расправија. Обрнете внимание на гледиштето на детето, но не го прифаќајте секогаш.“

Така, како и со сè друго во животот, и во односот родител - дете мора да постои рамнотежа, сметаат стручњаците.

Извор:  МИА
Објавена на 04.06.2024 14:08:00