Во организација на Општина Центар денеска во Паркот на Франкофонијата во периодот од 17 до 19 часот ќе се одржи манифестацијата „Нож и виљушка на европска чинија“.
-Паркот на Франкофонијата ќе биде точка каде ќе се спојат домашните македонски производители и угостители кои подготвуваат автентична домашна храна и пијалаци, еко производи, но и традиционални специјалитети од Австрија, Германија, Франција, Турција, Италија и други европски држави, информираат од Општина Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните да го посетат настанот и да уживаат во домашните и европски специјалитети.
-Учесниците на настанот на креативно изложбени штандови ќе ги промовираат своите производи и специјалитети, а меѓу учесниците кои ќе се претстават се: Мелем од вкусови, Туф.мк, Моја бавча, Натурал 2020, Смидџин, Сакам пиво, Фајн Крафт ракија ‘ Вк, Нутрико, Натс, како и многу други изложувачи што ќе презентираат македонска и европска храна. На учесниците ќе им се придружи и Активот на жени од здружението на пензионери на Општина Центар, кои освен што ќе ги презентираат специјалитетите од нашето поднебје, тие и на лице место со своите вешти раце на помладите генерации ќе им прикажат како се меси, плете и везе. Верувам дека оваа дружба ќе биде интересна за секој посетител, вели Герасимовски.
Центарци и сите љубители на добрата музика и храна ќе уживаат во специјално подготвена музичка програма во изведба на музичко дуо-слободни уметници, како и на хорот „Елегија“ при Здружението на пензионери на Центар со популарни македонски, англиски, француски и италијански безвременски мелодии, што имаат трајни вредности во македонската и светска музичка култура. На овој настан своја изведба ќе имаат и членовите на ансламблот „Орце Николов“ кои ќе се претстават со традиционалните македонски песни и игри.
Општина Центар ги поддржува малите екопроизводители кои ги промовираат своите производи и специјалитети, а целта на настанот е да поттикне дружење и забава во правец на негување на македонската гастрономска традиција, но и афирмирање на европската гастрономска култура.