4 типа на ултра-обработена храна најризични по нашето здравје
Ново истражување покажува поврзаност на ултра-обработената храна со здравствените проблеми. Студијата ги следела навиките на луѓето во текот на 30 години и открила дека оние кои јаделе поголемо количество на ултра-обработена храна имале малку поголем ризик од смрт. Според истражувањето четири категории на храна се покажале како најголеми виновници.
Во студијата, објавена во The BMJ, истражувачите анализирале податоци од 100.000 возрасни лица во САД без историја на рак, кардиоваскуларни болести или дијабетес. На секои четири години помеѓу 1986 и 2018 година, учесниците пополнувале детален прашалник за храна.
Податоците покажаа дека оние кои јаделе најмногу ултра-обработена храна - околу 7 порции дневно - имале 4% поголем ризик од смрт од која било причина, во споредба со учесниците кои јаделе најмала количина од околу 3 порции дневно.
Ултра-обработената храна вклучува „спакувани печива и грицки, газирани пијалоци, зашеќерени житарки и веќе готова храна што се затоплува. Таа храна најчесто содржи бои, емулгатори, ароми и други адитиви , богата е со енергија, дополнителен шеќер, заситени масти и сол, но не содржи витамини и влакна.
Храната со најсилна поврзаност со зголемена смртност, според студијата, вклучува:
· Готови производи од месо, живина и морска храна
· Зашеќерени пијалоци
· Десерти на база на млеко
· Високо обработена храна за појадок
Оваа студија доаѓа откако други истражувања објавени претходно оваа година покажаа дека диетите со висока содржина на ултра-обработена храна се поврзани со зголемен ризик од 32 штетни здравствени исходи, вклучително и поголем ризик за рак, големи заболувања на срцето и белите дробови, гастроинтестинални проблеми, дебелина, дијабетес тип 2, проблеми со спиењето, нарушувања на менталното здравје и рана смрт.
Извор: ИДИВИДИ
Објавена на 10.05.2024 10:45:51