Во чест на Мирко Попов ја славиме македонската музика: Промоција на винил издание „Поп култура"

Утревечер, на 29 март, во 19 часот во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“ ќе се одржи промоција на првата винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари - ПОП КУЛТУРА. Ова исклучително винил издание се реализира во рамки на платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ.



Компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската поп музичка сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и се уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена.

Компилацијата опфаќа селекција песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска (Mia Perevska), Дина Јашари (Dina Jashari), Андреја Салпе (Andreja Salpe), Зи (Zee), Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признаениот музичар Слаткаристика (Slatkaristika).



Музичкиот избор оваа вечер ќе биде на диџеите на младиот колектив Македонско Улично Радио: Скам, Аудио Цигла и Демиџ Контрол. Промотивниот настан се реализира во соработка помеѓу СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ, Македонско Улично Радио и Лабораториум.

Платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ е еден од низата проекти иницирани и програмски уредени од Мирко Попов, кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор го реализира и ова, 13-то по ред винил издание за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“.

Во издание на „ПМГ Рекордингс“, Попов реализираше 300 изданија македонска музика од македонски автори на македонски јазик. Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го имановиот бран на поп музика на компилацијата ПОП Култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме овој петок во Лабораториум.

„Мораме да комуницираме и да се дружиме со младите, затоа што само така вистински ќе знаеме каде оди светот и ние ќе останеме млади“, велеше Попов. Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека го градат оној град во кој тој веруваше. Тие го препознаа искрениот жар и отворениот простор на Мирко и му вратија назад со љубов и убава соработка.

Во чест на Попов, заедно да ја славиме македонската музика, како што велеше и самиот: „Во Скопје, улиците пеат“.

Извор:  ИДИВИДИ
Објавена на 28.03.2024 11:38:46