Федерер: Следам што прават Ѓоковиќ и Надал

Поминаа околу година и половина од пензионирањето на Роџер Федерер. Доволно за да направи мал осврт на случувањата откако го напушти „белиот спорт“, а легендарниот Швајцарец го направи тоа во интервју за магазинот „ЏиКју“. Секако, неодминлива тема беа неговите најголеми ривали.



- Следам што прават Ѓоковиќ и Надал. Знам кога Новак соборува рекорд или кога Рафа се подготвува да се врати. Се разбира, не го организирам животот за да гледам што прават, туку следам тенис. Тажен сум што Надал не може да игра колку што сака. Знам дека се повлече од Индијан Велс, но се надевам дека ќе се врати на натпреварите, истакна Роџер.

Тој вели дека бил пресреќен од начинот на кој се повлекол од тенисот.

- Кога го одиграв последниот натпревар во Лондон, бев опкружен со Енди, Новак, Рафа и Борг. Реков дека е адекватно да бидам првиот што ќе се пензионира. Сега тие очекуваат сличен момент. Ќе ми биде жал ако Мареј се пензионираше порано поради колкот или Надал поради колената. Бев среќен што отидов прв и се надевам дека ќе направат тоа што сакаат, истакна легендарниот тенисер.

Вели дека максимално ужива во пензијата.

– Натпреварувачот што беше во мене целосно исчезна. Многу сум горд на се што постигнав, никогаш нема да заборавам кога го срушив рекордот на Сампрас, порача Федерер.

На крајот имал тежок период и не го напуштил теренот како што сакал.

- Последните години беа многу тешки. Затоа сега чувствувам големо олеснување. Чувствував дека се ближи крајот на мојата кариера, страдав во тие моменти бидејќи знаев дека ќе биде тешко. И во Лондон и се што му претходеше, додава тој.

Вели дека е задоволен што го одиграл последниот меч на Лејвер купот.

- Играњето на последниот турнир секогаш ме плашеше. Дека не знам дали ќе го завршам во првиот круг или во финалето. Противникот заминува, а вие останувате сами со микрофонот. Зборуваш и готово. Вака испадна подобро, бев опкружен со моите најблиски ривали, истакна поранешниот светски рекет бр.1 во интервјуто за магазинот.

Тој ужива во пензионерските денови и не му недостасува тенисот.

-Сите ме прашуваат како се чувствувам, а јас велам дека не ми недостига тенисот. Чувствувам целосен мир. Веројатно и затоа што знам дека коленото, телото и мозокот не би ми дозволиле да бидам таму. Се чувствувам како да добив се од мојата кариера. Сум пробал се. Сакам да играм тенис кога сум со моите деца. Пред еден месец првпат резервирав терен за да играм со сопругата и децата, заврши Федерер.

Извор:  МИА
Објавена на 15.03.2024 12:18:44