Битиќи: „Лекот“ за цените е законот за забрана за нефер трговски практики

Ако рацете на политичките партии и на политичарите бидат настрана од бизнисот, сметам дека самите компании и бизнисмени ќе се однесуваат етички и нема да го направат тоа што одредени политички кругови би сакале да го имаме, порача вицепремиерот за економски прашања во техничката Влада Фатмир Битиќи вечерва во емисијата 360 степени на МРТ.



Според него, по завршувањето на мерката „гарантирани цени“ има зголемување на цените во одредени ланци на маркети за одредени основни продукти, кое, како што рече, не е големо и се држи на ниво под 10 проценти, некаде е 2 до 3 проценти, некаде 6 до 7 проценти.

Како што истакна, „лекот“ за се е законот за забрана за нефер трговски практики, што веќе 2,5 месеци е во Собрание.

-Достигнавме да покажеме дека однесувањето на сите помага во скротување на инфлацијата. Ние веќе неколку месеци по ред имаме намалување на инфлацијата. Последниот месец таа беше на ниво од три отсто и нè враќа полека на нормалните стапки на инфлација. Затоа, ако имаме совесно однесување на сите чинители во општеството и притоа, овде морам да кажам и првпат ќе го кажам, рацете на политичките партии и на политичарите бидат настрана од бизнисот, сметам дека самите компании и бизнисмени ќе се однесуваат етички и нема да го направат тоа што одредени политички кругови би сакале да го имаме. Имам чувство дека некогаш сакаме да направиме одредени работи и против себеси само да покажеме дека другите не се моќни да ја контролираат целата состојба, рече Битиќи, одговорајќи потврдно на прашањето „Сакате да кажете дека има партии кои имаат интерес во предизборието цените да се качат?“.

Битиќи порача дека не би требало да има поскапување во ситуација на намалување на берзанските цени за 30 проценти.

-Во овој момент цените на суровините на берзите се намалени за скоро 30 проценти и во таква ситуација не може да се очекува дека за 30 проценти ќе растат цените, рече Битиќи.

Појасни зошто не ја реализирал најавата за посета на меркети за викендот во тек на која во придружба на медиумите требаше да утврди дали има енормно зголемување на цените по завршувањето на мерката „гарантирана цена“ посочувајќи дека во петокот добил информација дека два маркета излегле со соопштение дека до 15 мај ќе ги остават цените на истото ниво како гарантираното.

- Како што не сакав да ги кажам овие два ланци на маркети по имиња за да не ги фаворизирам, не сакав да се случи да отидам и да ја видам состојбата на зголемување на цени па тој ден сите да видат каде има зголемување на цени, па да не кажат еве го вицепремиерот сака да им направи негативна кампања, рече Битиќи.

Извор:  МИА
Објавена на 12.03.2024 12:19:27