Нов инцидент со Боинг: На авион на Јунајтед ерлајнс му паднала гума при полетување

На авион од моделот Боинг 777-200 на американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“ му отпадна гума при полетување од аеродромот во Сан Франциско, поради што авионот, кој летал за Јапонија, морал да биде пренасочен кон Лос Анџелес, пренесе Еј-Би-Си њуз.

Авионот безбедно слета на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, соопшти Федералната управа за авијација на САД.

На видеото објавено на социјалните мрежи може да се види како авионот полетува, а веднаш по полетувањето му паѓа гумата и паѓа врз автомобил, паркиран покрај пистата. Никој не е повреден, но задниот дел од автомобилот е смачкан, како и жичената ограда до автомобилот. Друг автомобил во близина веројатно е оштетен.

„Ние сме им благодарни на нашите пилоти и кабинскиот екипаж за професионализмот што го покажаа во дадената ситуација. Исто така, се заблагодаруваме на нашите тимови на земја кои чекаа да го одвлечат авионот кога тој слета. Благодарност и до нашите тимови на аеродромот кои им помогнаа на патниците“, се наведува во соопштението на „Јунајтед ерлајнс“.

Авиокомпанијата соопшти дека ќе се договори со сопствениците на оштетените автомобили за да се надомести штетата.

Гумата беше една од 12-те на двата главни носачи на опремата за слетување на Боинг 777-200. „Авионот е дизајниран да слета безбедно дури и ако испадне гума, или ако се оштети“, велат од Јунајтед.

Во авионот имало 235 патници, десет членови на екипажот во кабината и четворица пилоти.

Авио-индустријата во САД во последните месеци се соочува со серија инциденти поврзани со неисправни авиони, кои предизвикаа дебата за безбедноста на тој вид на транспорт.

а почетокот на оваа година, авион Боинг 737 Макс 9 на Алјаска ерлајнс кој патуваше од Портланд, Орегон до Калифорнија мораше да се врати назад набргу по полетувањето кога се откина големо парче од трупот, изложувајќи ја патничката кабина на надворешната средина. Алјаска ерлајнс соопшти дека привремено ќе ги приземји сите 65 од своите авиони 737 Max 9 заради истрага. „Боинг“ тогаш соопшти дека е свесен за инцидентот и „работи на собирање повеќе информации“.

Инцидентот во јануари, во кој иако немаше сериозно повредени, доведе до едномесечна истрага на американската Федерална управа за авијација (ФАА) која откри системски недостатоци во обезбедувањето квалитет на производителот на авиони Боинг.

Во одделот за комерцијални авиони, комисијата на ФАА не најде стандардизиран и јасен начин за вработените да пријават недостатоци во квалитетот. Како што се наведува во извештајот објавен во февруари, „генерално, постои конфузија меѓу вработените за нивната улога во управувањето со безбедноста“.

„Процедурите и обуката се сложени и во постојана состојба на промена, создавајќи конфузија на вработените особено меѓу различните работни места и групи на вработени“, се вели во извештајот.

Како дел од истрагата, комисијата побарала и од Боинг да докаже дека безбедноста е врвен приоритет. „Но, документите, интервјуата и разговорите со вработените не покажаа дека Боинг е фундаментално посветен на целта како што тврдеше самата компанија“, беше посочено во извештајот.

Извор:  МИА
Објавена на 08.03.2024 10:35:34