Ангеловска-Бежоска: Народната банка го поддржува женското претприемаштво како двигател на економскиот раст

Женското претприемаштво игра значајна улога во отворањето работни места и придвижувањето на економскиот раст. Народната банка ќе го предводи и ќе го координира спроведувањето на проектот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава, насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.



Таа во интервју за агенцијата „Марили“ вели дека проектот има за цел да обезбеди поддршка за поголем пристап на жените претприемачи до финансии, како и за зголемување на свесноста за значењето на родовата еднаквост при доделувањето кредити.

-Според некои процени, поголемото учество на жените во претприемаштвото може да го зголеми глобалниот економски раст од 5 до 6 трилиони долари. Оттаму, обезбедувањето пристап до финансии за овие мали и средни фирми е од исклучително значење за економијата во целина. Унапредувањето на финансиската инклузија, како и финансиската едукација како основа за поголема вклученост, се дел од стратегиските цели на Народната банка. Преку едуцирање за можностите и обврските на давателите и корисниците на кредитите, може да се придонесе кон подобрување на пристапот на жените претприемачи до финансии во земјава, истакнува гувернерката на Народната банка.

Ангеловска-Бежоска наведува дека поголемата вклученост на жените во општеството носи бројни придобивки. Сепак, постојат многу предизвици, имајќи предвид дека учеството на жените во работната сила е само околу 43 отсто (на мажите околу 62 проценти), што, како што нагласува, покажува голем неискористен потенцијал, којшто може да го зголеми економскиот раст. Потребни се и поголема свесност и поддршка во општеството за зголемување на улогата на жената во раководните структури, што ќе донесе поголеми придобивки.

-Глобалниот извештај за родов јаз од 2023 година покажува дека од 146 земји, ние сме рангирани на 108 место, кога станува збор за економското учество и можностите на жените. Според овој извештај, учеството на компаниите со жени на лидерската позиција е околу 20 отсто, а сличен е и процентот на компаниите во чијашто сопственичка структура преовладуваат жените. И во финансискиот сектор податоците не се задоволителни. На пример, кај банките само 31 проценти од вкупниот број членови на УО и НО се жени, а кај дел од банките воопшто нема жени во раководните органи на банката, посочува гувернерката.

Ангеловска-Бежоска истакнува и дека Народната банка како институција е одличен пример за родова еднаквост, што е признато повеќепати преку рангирањето од страна на угледниот британски форум ОМФИФ, којшто ја рангира нашата централна банка како лидер според застапеноста на жените на раководни позиции.

Извор:  МИА
Објавена на 08.03.2024 10:17:22